Американската режисерка, актерка, сценаристка и продуцентка Меги Џиленхал ќе биде претседателка на жирито на 83. Филмски фестивал во Венеција (2–12 септември 2026), соопшти фестивалот.
Џиленхал изјави дека е пресреќна што е поканета да биде на чело на жирито на овогодишниот фестивал.
„Венецискиот фестивал отсекогаш ги поддржувал искрените и уникатни авторски гласови и ми претставува чест што ќе бидам дел од продолжувањето на таа храбра и неопходна традиција. Нема да бидам во улога на судија, туку ќе следам со љубопитност, восхит и возбуда“, изјави таа.
Директорот Алберто Барбера рече дека Џиленхал олицетворува уметнички пат со необична доследност, граден со текот на времето со интелигенција и храброст.
„Како актерка способна да прикаже вознемирувачки и повеќеслојни ликови, таа се преобрази и како авторка со ‘Изгубената ќерка’ , кој ја освои наградата за најдобро сценарио во Венеција во 2021. Нејзината перспектива за филмот, и интелектуална и емотивна, доби дополнителна потврда со неодамнешниот филм ‘Невестата!“ (2026), кој ја зацврстува нејзината позиција како оригинален автор. Да ја имаме како претседателка на нашето жири значи да можеме да се потпреме на авторитетен и независен глас, воден од таа автентична страст кон авторскиот филм што отсекогаш го претставувал срцето на фестивалот“, изјави Барбера.



