АКТЕРКАТА САРА КЛИМОСКА Е ВО ЖИРИТО ЗА ГЛАВНАТА НАГРАДА НА САРАЕВСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

    АКТЕРКАТА САРА КЛИМОСКА Е ВО ЖИРИТО ЗА ГЛАВНАТА НАГРАДА НА САРАЕВСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛПретседателка на жирито е британската актерка Емили Вотсон, а членови се режисерот Игор Безиновиќ, Сара Климоска,  директорот на Европската филмска академија Матис Ваутер Кнол и режисерката Атина Рејчел Цангари. (Фото: СФФ)

    Македонската глумица Сара Климоска ќе биде во жирито за наградата Срцето на Сараево во конкуренцијата за игран филм на претстојниот 32. Сараевски филмски фестивал, објавија организаторите. Претседателка на жирито е британската актерка Емили Вотсон, а членови се и хрватскиот режисерот Игор Безиновиќ,  директорот на Европската филмска академија (ЕФА) Матис Ваутер Кнол и грчката режисерка Атина Рејчел Цангари. Сараевскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 21 август, кога на свеченото затворање ќе се доделат наградите.

    Вотсон е британска актерка со две номинации за Оскар. Глумеше и во „Хамнет“ на оскаровката Клое Жао. Во 2019 Вотсон беше номинирана и за наградите Еми и Златен глобус за улогата во мини-серијата „Чернобил“ на „Ејч-Би-О“.

    Климоска дипломирала на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, по што изгради успешна кариера на домашната и меѓународната филмска и телевизиска сцена. Таа е актерка во ансамблот на Драмски театарво Скопје, а нејзината најнова главна филмска улога е во „Збогум, Копакабано“ на Милчо Манчевски, чија премиера е најавена за годинава. Ова е нејзина трета соработка со наградуваниот режисер, по филмовите „Врба“ и „Кајмак“. Меѓу нејзините позначајни филмски улоги се и „Нема да бидеш сама“ на Горан Столевски чија премиера беше на Санденс, „Домаќинство за почетници“ кој играше во селекцијата Хоризонти во Венеција, „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова и „Баук“ на Горан Радовановиќ. Во странство играше и во филмовите „Нико“ на Елина Геринг, „Семејни тајни“ на Малик Витал и „Одговор“ на Џејсон Лестер.

    Климоска беше дел од програмите Талентс Сараево на Сараевскиот филмски фестивал и на Берлинале талентс. Во 2022 беше номинирана за тв-наградата Срцето на Сараево за улогата во телевизиската серија „Мочуриште“, а една година претходно ја доби престижната награда Шутинг старс  што ја доделува платформата Европска филмска промоција за улогата во „Лена и Владимир“ на Игор Алексов. Климоска дебитираше како режисерка со краткиот филм „Нова енергија“ моментов го развива својот втор кус филм „Врзани“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира