Актерот Висар Вишка е поставен за в. д. директор на Гостиварскиот театар, вели Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК. Вишка, кој изминативе години глуми во повеќе балкански и европски телевизиски и филмски проекти, беше вработен во Македонскиот народен театар (МНТ), а беше и советник на претходниот министер за култура Асаф Адеми.
Поради новата функција, за која се чека потпис од Министерството за финансии, неговото работно место во МНТ е ставено во мирување.
Отворањето на Националната установа Гостиварски театар лани во октомври ја најави тогашниот министер Адеми. Тогаш беше објавено дека в. д. директор е Берат Салиу, дека со одлука на Владата ќе има 27 вработени и дека Театарот ќе ја дели сцената со Центарот за култура АСНОМ. Адеми тогаш кажа дека за старт на театарот ќе бидат издвоени 10 милиони и 225 илјади денари (околу 165.000 евра).
Според податоците од Годишната програма на интернет страницата на Министерството за култура, Гостиварскиот театар барал 7.544.000 денари за три претстави, а одобрени им се 4.7 милиони денари. Одобрени се претставите „Натан мудриот“ на Сулејман Рушити (одобрени 2 милиони денари), а Андреј Цветановски и Ќендрим Ријани добија по 1.350.000 денари за „Полковникот птица“, односно „Народен непријател“.
„Берат Салу поднесе оставка. Од причини што оваа институција нема вработени, а согласно одредбите од Законот за култура и Законот за установи, за в. д. директор на институцијата Гостиварски театар од редот на уметниците е именуван актерот Висар Вишка“, ни рекоа од кабинетот на министерот за култура Хусни Исмаили.
На нашите прашања кога се очекува да почне со работа Театарот и дали веќе има објавено огласи за вработување, од Министерството велат: „Реализацијата на програмските активности за кои Министерството за култура во рамки на Годишната програма јавно и транспарентно ги објави одобрените средства за подготовка на три театарски проекти, продолжуваат по завршувањето на сите административни процедури“.
Премиерот Зоран Заев во јули препорача разрешување на повеќе директори од разни институции и претпријатија. За новите кадровски решенија, од Министерството велат дека новоименувани в. д. директори има во националните установи Завод и музеј Охрид – Даниела Недељковиќ, во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп – Марија Спиркоска-Илиеска и во Библиотеката „Гоце Делчев“ – Штип Зоран Костовски.
„Министерството наскоро ќе пристапи кон објава на огласите за избор на директор во оние институции каде што во мометот се именувани вршители на должноста директор. Инаку, во тек е јавна набавка за избор на дневни весници во кои Министерството за култура ќе ги објавува јавните огласи“, велат од Министерството.
Б. НЕСТОРОСКА