АЛАЃОЗОВСКИ ГО ПОНИШТИ КОНКУРСОТ ЗА КЛАСИЧНИ МУЗИЧКИ ДЕЛА НА КОЈ ПОБЕДИЈА ДИМУШЕВСКИ И ПЕТРОВСКИ

    АЛАЃОЗОВСКИ ГО ПОНИШТИ КОНКУРСОТ ЗА КЛАСИЧНИ МУЗИЧКИ ДЕЛА НА КОЈ ПОБЕДИЈА ДИМУШЕВСКИ И ПЕТРОВСКИМинистерот за култура Роберт Алаѓозовски најави дисциплински постапки за службите задолжени за спроведување на конкурсот, со цел да се утврди одговорноста за направените пропусти (Фото: Влада на РМ)

    Министерството за култура го поништи конкурсот за откуп на класични композиции за 2017 година поради административни пропусти во неговото спроведување и најави дисциплински постапки за службите задолжени за спроведување на конкурсот, со цел да се утврди одговорноста за направените пропусти. Конкурсот беше објавен на 6 април 2017, траеше до 31 октомври, а резулатите беа објавени на сајтот на Министерството на 18 јануари годинава, па повлечени.

    На конкурсот во повеќе категории беа наградени повеќе композитори како Благој Цанев, Никола Коларовски, Јана Андреевска-Димитровска, Драган Стојков, Валентина Велковска-Трајановска, Горан Начевски, Ана Пандевска, Панде Шахов.

    Во категоријата музичко – сценска композиција за „Танец“ единствената предвидена награда  ја доби Тодор Трајчевски. Во категоријата композиции за мјузикл за деца единствената предвидена награда ја доби Никола Димушевски, а во категоријата композиции за балет, единствената предвидена награда му припадна на  Сони Петровски.

    Од кабинетот на министерот за култура Роберт Алаѓозовски велат дека Министерството ќе го повтори овој конкурс, а на него ќе имаат право да учествуваат и апликантите од поништениот конкурс.

    „Во точка 10 од Конкурсот стои дека по Конкурсот ќе се одлучува во рок од 45 дена, а за Конкурсот решение ќе се донесе во согласност со Законот за културата. Резултатите од Конкурсот за секоја одделна категорија ќе бидат објавени до крајот на декември 2017 година. Во Конкурсот стои дека пријавите се доставуваат под шифри за да не се открие идентитетот на авторите на најдобри композиции. Согласно Законот за култура, член 65 ставови 2,3 и 4, министерот за култура одлучува по Конкурсот на предлог на Комисијата, со донесување на решенија, а резултатите потоа се објавуваат на веб страницата на Министерството за култура. Комисијата за разгледување на пријавите од Конкурсот, ги разгледала пријавите и изработила Записник од 29. 12.2017 година во кој ги сумирала резултатите од направената евалуација на доставените пријави. На 18.01.2018 година, по доставена предлог-листа на резултати од страна на комисијата, истите се објавени на веб страницата на Министерството за култура. Во овој случај, објавените резултати на веб страницата се всушност предлози на комисијата, а не финални резултати, бидејќи за истите министерот за култура не донел решенија“, соопшти кабинетот на Алаѓозовски.

    Соопштениетото на Министерството следи по денешната реакција на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), чиј претседател е Сони Петровски,  дека министерот за култура десет месеци одбива средба со нивни претставници и дека сѐ уште не добиле одговор зошто композициите избрани на Конкурсот за откуп на нови музички дела распишан во април минатата година биле објавени, а потоа и повлечени од веб страницата на Министерството на 18 јануари годинава.

    „Наспроти досегашната пракса од изминатите конкурси, да се достават решенија и договори до наградените автори во роковите законски определени од самото Министерство, тоа досега не е направено од причини кои нам сѐ уште не ни се познати. Поради тоа, се обраќаме до Министерството надлежно за спроведување на Конкурсот со барање постапката без понатамошно одложување да се доврши и да се достават договори до наградените автори согласно објавените резултати“, реагираше СОКОМ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира