АЛАЃОЗОВСКИ НЕЗАКОНСКИ ГО ПОНИШТИЛ КОНКУРСОТ ЗА МУЗИЧКИ ДЕЛА, ОДЛУЧИ УПРАВНИОТ СУД ПО ТУЖБАТА ОД НАГРАДЕНИТЕ КОМПОЗИТОРИ

    АЛАЃОЗОВСКИ НЕЗАКОНСКИ ГО ПОНИШТИЛ КОНКУРСОТ ЗА МУЗИЧКИ ДЕЛА, ОДЛУЧИ УПРАВНИОТ СУД ПО ТУЖБАТА ОД НАГРАДЕНИТЕ КОМПОЗИТОРИПоранешниот министерот за култура Роберт Алаѓозовски во април годинава го поништи конкурсот за откуп на класични композиции, откако резулатите беа објавени на сајтот на Министерството па повлечени (Фото: Влада на Македонија)

    Управниот суд на Македонија донесе пресуда со која го поништува решението на ексминистерот за култура Роберт Алаѓозовски од 27 април годинава, со кое го поништи конкурсот за откуп на класични композиции за 2017. Конкурсот беше објавен на 6 април 2017, траеше до 31 октомври, а резулатите беа објавени на сајтот на Министерството на 18 јануари годинава, па повлечени.

    На конкурсот во повеќе категории беа наградени повеќе композитори, меѓу кои и Благој Цанев, Никола Коларовски, Јана Андреевска-Димитровска, Драган Стојков, Валентина Велковска-Трајановска, Горан Начевски, Ана Пандевска, Панде Шахов.

    Во категоријата музичко-сценска композиција за „Танец“ единствената предвидена награда ја доби Тодор Трајчевски. Во категоријата композиции за мјузикл за деца единствената предвидена награда ја доби Никола Димушевски, а во категоријата композиции за балет, единствената предвидена награда му припадна на Сони Петровски.

    Алаѓозовски тогаш рече дека конкурсот го поништува поради административни пропусти во неговото спроведување и најави дисциплински постапки за службите задолжени за спроведување на конкурсот, со цел да се утврди одговорноста за направените пропусти. Објаснувајќи ја процедурата на избор на пријави и разгледување, од неговиот кабинет тогаш меѓудругото рекоа: „На 18.01.2018 година, по доставена предлог-листа на резултати од страна на комисијата, истите се објавени на веб страницата на Министерството за култура. Во овој случај, објавените резултати на веб страницата се всушност предлози на комисијата, а не финални резултати, бидејќи за истите министерот за култура не донел решенија“.

    „Се надеваме дека Министерството за култура нема понатаму да ја пролонгира реализацијата на одлуката на судот, и дека наградените дела конечно ќе можат да ги доживеат своите изведби на концертните сцени во државата и надвор“, вели Сони Петровски (Фото: Фејсбук)

    Тогаш од кабинетот на Алаѓозовски рекоа дека Министерството ќе го повтори овој конкурс, а на него ќе имаат право да учествуваат и апликантите од поништениот конкурс.

    Алаѓозовски беше министер од 1 јуни 2017 до 4 јуни годинава, кога на негово место дојде Асаф Адеми. Алаѓозовски оттогаш е национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во кабинетот на премиерот Зоран Заев.

    По два претходни налози од Државниот управен инспекторат, наградените композитори ги добија решенијата дека Конкурсот е поништен, и на 22 мај годинава поднесоа тужба до Управниот суд со барање надомест за штета, поради компромитирање и нарушување на анонимноста на нивните дела и нивниот повеќемесечен труд.

    „Министерството за култура погрешно постапило поништувајќи го Конкурсот за откуп на музички дела за 2017 година и притоа се сторени повеќе формално правни повреди на постапката регулирана со Законот за култура, според член 55 од Законот за организација и работа на органите на државна управа и член 64 став 1 и 2 од Законот за култура“, стои во пресудата на Управниот суд во Скопје, донесена на 15 ноември.

    „Судот постапувајќи по тужбата на тужителот ја ценеше законитоста на оспореното решение од 27.04 2018 на тужениот орган и најде дека оспореното решение е незаконито и неправилно, од причина што, при донесување на истото, се сторени повреди на одредбите на постапката, со што, оцени дека е повреден законот на штета на тужителот“, стои меѓудругото во одлуката на Судот.

    Од Министерството за култура ни рекоа дека кај нив сѐ уште не е доставена пресуда на Управниот суд.

    „Кога ќе биде донесена правосилна судска пресуда, Министерството за култура во сѐ ќе постапи согласно пресудата на надлежниот суд. Распишувањето на нов конкурс би можело да биде условено и од пресудата. Согласно Законот за култура, оценка на Министерството е дали во текот на годината ќе распише конкурс за откуп на музички композиции. Овој вид конкурси не се задолжителни за да Министерството мора да ги распишува секоја година“, велат од кабинетот на министерот Асаф Адеми.

    „Го изразувам своето задоволство од одлуката на Судот кој го потврди незаконското работење на бившиот министер Алаѓозовски по однос на поништување на конкурсот и ветувањата дека истиот ќе се повтори, чии скандолозни постапки и одлуки (спротивно препораките на стручните комисии кои самиот ги формирал) доведоа токму до ваква верификација дека неговиот, како и непрофесионализмот на неговите најблиски соработници. Истовремено би сакал да го изразам и својот оптимизам дека актуелниот министер Адеми, успешно се справува со реперкусиите од погрешните политики и скандали на неговиот претходник, и дека професионализмот и законското работење ќе бидат императив за Министерството за култура и дека домашните творци повторно ќе добијат соодветна почит и третман од своите институции“, вели Сони Петровски за САКАМДАКАЖАМ.МК, кој е и претседател на Сојузот на композитори на Македонија.

    Петровски додава дека во изминатите две години, анализите говорат оти домашното музичко творештво има пад поголем од 300 отсто што, како што вели, е одраз на односот на институциите кон истото.

    „Ваквиот игнорантски однос кон домашното творештво беше надминат пред 6 години со потпишување на Меморандум помеѓу најзначајните институции и организации, кој за жал веќе две години е ставен под маса.
    Се надеваме дека Министерството за култура нема понатаму да ја пролонгира реализацијата на одлуката на судот, и дека наградените дела конечно ќе можат да ги доживеат своите изведби на концертните сцени во државата и надвор. СОКОМ, како носител на правата за изведба на наградените дела, се наоѓа во сериозен дефицит од ново творештво за соодветно претставување на македонската и албанската творечка и исполнителна уметност на своите и други манифестации, концерти и соработки со сродните странски организации“, рече Петровски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира