Четири режисерки ќе се натпреваруваат за Златната палма на 72. издание на Канскиот филмски фестивал, кој денеска ја објави селекцијата за награди за програмата од 14 до 25 мај. Најзабележително е отсуството на новиот филм на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“, кој, сепак, нема да има светска премиера во Кан, бидејќи сè уште е во фаза на монтирање. Но директорот на фестивалот Тјери Фремо кажа дека го очекуваат во селекцијата ако успее да биде завршен.
Фестивалот ќе го отвори „Мртвиот не умира“ на Џим Џармуш, а други големи имиња кои доаѓаат со нови филмови во Кан се Теренс Малик („Скриен живот“), Педро Алмодовар („Болка и слава“), Кен Лоуч („Извинете што ве промашивме“), браќата Дарден („Младиот Ахмед“ и Марко Белокио („Предавник“)
Канадскиот режисер Ксавиер Долан, кој пред три години ја подели наградата Гран при на жирито со Жан-Лик Годар, се враќа со „Матијас и Максим“, Французинот Арно Деплешан ќе се натпреварува со „О, милост!“, а Романецот Корнелиу Порумбоју со „Свиркачите“.
Фремо истакна дека и оваа година нема филмови на „Нетфликс“ во трка за наградите, а како заштитно лице е избрана неодамна починатата француска режисерка Ањес Варда, чиј лик се наоѓа на плакатот.
Претседател на жирито за Златна палма годинава ќе биде оскаровецот Алехандро Гонзалес Ињариту.
Паралелните програми 15 дена на авторите (Кензен) и Недела на критиката, што се одржуваат истовремено со фестивалот но технички се вон официјалната селекција, ќе ја објават својата селекција на крајот на месецов.