АНТИЧКАТА КУЛТУРА МУ БЕШЕ ИНСПИРАЦИЈА НА ПЕТАР ХАЏИ БОШКОВ И МНОГУ ЌЕ САКАШЕ ДА СИ ГИ ВИДИ ДЕЛАТА ВО СТОБИ, ВЕЛИ НЕГОВИОТ СИН ИГОР ЗА ГОЛЕМАТА ИЗЛОЖБА В САБОТА

    АНТИЧКАТА КУЛТУРА МУ БЕШЕ ИНСПИРАЦИЈА НА ПЕТАР ХАЏИ БОШКОВ И МНОГУ ЌЕ САКАШЕ ДА СИ ГИ ВИДИ ДЕЛАТА ВО СТОБИ, ВЕЛИ НЕГОВИОТ СИН ИГОР ЗА ГОЛЕМАТА ИЗЛОЖБА В САБОТАИзложбата е насловена „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, а делата се од семејното наследство на неговиот син Игор Хаџи Бошков. (Фото: Д. Сарагиновски/СДК.МК )

    Културата на Балканот не е национална туку е отворена, и тоа е она што го сфати Петар Хаџи Бошков од честите патувања во Грција, чија античка култура е негова голема инспирација, вели неговиот син Игор Хаџи Бошков, во пресрет на изложбата „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ која ќе биде отворена на 18 септември во 18 часот на античкиот локалитет Стоби. Вратите ќе бидат отворени во 17:30 часот.

    Поставката вклучува 40 дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, еден од втемелувачите на современиот културен идентитет на земјава. Делата опфаќаат четиридецениски период (1962 – 2004). Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Делата се позајмени и директно од ателјето пренесени на локалитетот Стоби.

    Куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски, а иницијативата е на Националната установа за управување со археолошки локалитет „Стоби – Градско“.

    Поставката вклучува 40 дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков. (Фото: Д. Сарагиновски)

    „Додека бев во Стоби се потсетив на младоста, бидејќи татко ми кога бев мал честопати ме носеше во Грција. Пропатувавме низ цел Пелопонез, низ различни амфитеатри и музеи. Тој беше длабоко инспириран од грчката античка култура и самиот додека студирал во Англија на Ројал колеџот за уметност ми раскажуваше дека најголемиот дел од времето во Лондон го поминувал во Британскиот музеј. Како негов син и наследик на неговата уметност, понекогаш се прашувам како тој би реагирал и дали тој би ги изложил неговите скулптури во Стоби. И тука наоѓам многу интимна врска со него“, вели Игор Хаџи Бошков.

    Смета дека неговиот татко би бил многу среќен да ги види своите дела во отворен простор, затоа што секој скулптор, како што вели, ги прави скулптурите за отворен простор и ова би била фасцинантна идеја за него. Но, овде не е само просторот во прашање, туку и локалитетот.

    „Оваа изложба е некој вид синтеза, омаж, враќање на изворот на неговата идеја како скулпптор“, вели Игор Хаџи Бошков. (Фото: СДК.МК)

    „Како што знаеме, неговите скулптури се баш инспирирани од античката култура, поготово грчката античка култура. Така што, ова е некој вид синтеза, омаж, враќање на изворот на неговата идеја како скулпптор. Многу е тешко да се замисли како една ваква изложба изгледа. Тоа и ја прави самата изложба интересна да се изведе“, додава неговиот син.

    На нашето прашање да сподели сеќавања или поука од патувањата во Грција, Игор вели дека најважно е дека татко му го сфатил светот каде што живее. Дека земјата нема граници, дека културата овде на Балканот не е национална туку е отворена.

    „Тој се поистоветува со културата од каде што доаѓа, така што кај него тоа е чисто отворено. Никогаш не настапил од национален аспект во целата негова уметност и тоа е најубавото. Тоа ќе биде и најинтересен аспект на изложбата, да се покаже неговиот космполитски дух. Дури и кога одеше во Англија, најмногу време поминуваше пред Партенон. Значи, од Македонија оди во Лондон, пред Партенон кој е земен од Атина. Ете колку длабоко оди неговата инспирација од таа култура. Затоа и самата идеја за изложбата во Стоби ќе биде доста интересна“, ни рече тој на денешната прес-конференција.

    Кураторот Јанчевски и директорот на „Стоби“ Спасе Перовски потеницираат дека дека изложбата нема за цел да биде постхумна комеморативна ретроспективна изложба на еден голем автор, туку обид за заемно разоткривање, врски помеѓу античкото и модерното, за континуитетите и дисконтинуитетите, за значењето на делата на Хаџи Бошков, за неговата личност, пристап и за улогата како општествен чинител, и значењето на локалитетот Стоби.

    Делата на Хаџи Бошков ќе бидат поставени поединечно и во посебни целини на повеќе различни пунктови на локалитетот Стоби, поврзани во еден логичен редослед. Оваа поставка, на посетителите ќе им овозможи движење во две насоки, помеѓу инспиративните објекти на локалитетот, меѓу кои се: Полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и коридорот под гледалиштето, Храмот на Изида и Серапис, како и големиот неистражен простор, кој се протега до Градбата со Арки.

    Овие локации се избрани како специфични, бидејќи на најинтересен начин овозможуваат заемно разоткривање на модерната и античката култура.

     

    Кураторот Владимир Јанчевски и директорот на НУ „Стоби“ Спасе Перовски

    Во однос на заштитата од временски непогоди, Перовски кажа дека е формиран тим од тројца конзерватори кои ќе работат во зависност од временските услови.

    „Имаме подготвено агенда за во случај на голем ветер, дожд и други временски неприлики да направиме соодветна заштита. Во случај да дојде до тоа, конзреваторите се ставаат на располагање“, рече Перовски.

    Изложбата ќе трае до 11 октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира