АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ ПОСТАВИ ИЗЛОЖБА НА ПОШТЕНСКИ МАРКИ СО КУЛТУРНОТО БОГАТСТВО НА МАКЕДОНИЈА, ВЛЕЗОТ Е СЛОБОДЕН

    АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ ПОСТАВИ ИЗЛОЖБА НА ПОШТЕНСКИ МАРКИ СО КУЛТУРНОТО БОГАТСТВО НА МАКЕДОНИЈА, ВЛЕЗОТ Е СЛОБОДЕНМарките се отпечатени во период од 1996 до 2019 и на нив може да се видат дел од теракотните икони од Виничко кале, фрагменти од мозаикот „Приказ на вселената“, нартексот на Големата базилика на античкиот град Хераклеја. (Фото: Археолошки музеј)

    „Културното богатство во марките на Македонска пошта – археологија“ е насловена изложбата посветена на поштенските марки, која од денес е отворена во Археолошкиот музеј и за која влезот е бесплатен.

    Марките се отпечатени во период од 1996 до 2019  и на нив може да се видат дел од теракотните икони од Виничко кале, фрагменти од мозаикот „Приказ на вселената“, нартексот на Големата базилика на античкиот град Хераклеја, неолитски предмети од теракота, Големата Мајка од Тумба Маџари, антички монети, антички накит, средновековни монети и златните погребни маски од Требениште.

    „Поштенските марки се многу интересни, но граѓаните ретко имаат можност да ги видат. Живееме во време на нови технологии во кои интернетот, како неверојатна брза комуникација со светот, го завзема приматот. Сѐ поретко се пишуваат писма и се испраќаат картички. Секое општење помеѓу нас се заменува со мобилните телефони. Целта на оваа изложба е зголемување на сознанието кај граѓаните за ова наше културно богатство, запознавање со неговата вредност, а со самото тоа грижа и чување за идните генерации“, вели авторот на изложбата и претседател на Асоцијацијата за култура ИКОН, Климе Коробар.

    Изложбата ќе биде отворена во текот на цел месец, и како што велат од Музејот, нема да има официјално отворање поради почитување на мерките и утврдениот протокол за посета на музеи.

    Организацијата на изложбата е во соработка со ИКОН, Археолошки музеј и Пошта на Северна Македонија, а ја подготвија Марјан Јагликовски, Марија Видеска и Васил Николовски од Археолошкиот музеј.

     Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира