АРХИТЕКТИТЕ НА НОВАТА ЗГРАДА НА ПРОКРЕДИТ БАНКА ЈА ОДБИЈА СПЕЦИЈАЛНАТА НАГРАДА НА БИМАС

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    АРХИТЕКТИТЕ НА НОВАТА ЗГРАДА НА ПРОКРЕДИТ БАНКА ЈА ОДБИЈА СПЕЦИЈАЛНАТА НАГРАДА НА БИМАС

    На затворањето на Биеналето на македонската архитектура, БИМАС 2016 во вторникот вечер во Скопје, наградените со Специјална награда  Maртин Пановски, Јана Гугуловска, Душица Диновска, Александар Наумчески со соработниците Тијана Каевска и Ана Урумовска ја одбија наградата. Тие добија награда за објектот Управна зграда на ПроКредит банка во Скопје, но ја одбија затоа што таа треба да се доделува за објекти со експериментален карактер.

    „Со оглед на тоа што нашиот изведен проект ‘Прокредит банка’ не се вклопува во овој контест, би сакал да нагласам дека оваа награда како некое утешено признание за нашиот проект не можеме да ја прифатиме“, рече архитектот Мартин Пановски заблагодарувајќи се на наградата. Тој ја искористи приликата да предложи „вакви компромисни решенија, кои станаа пракса на Биеналето да не бидат пракса и на следните биеналиња. Нека има здрава и остра конкуренција и само на тој начин архитектурата ќе ја издигнеме на потребното ниво“, рече Пановски.

    Архитектите од овој тим беа наградени за објектот Управна зграда на ПроКредит банка во Скопје која минатиот месец беше отворена во скопската општина Карпош во близина на Сити мол. Во образложението на комисијата се вели дека станува збор за исклучително економичниот и хуман пристап во обликувањето на архитектонските простори на објектот, како волумени што се прелеваат меѓусебе создавајќи топла и прифатлива спојка помеѓу формата и функцијата.

    Од затворањето на БИМАС 2016

    Од затворањето на БИМАС 2016

    Првата награда која се смета како Гран-при, Голема награда на БИМАС ја добија авторите Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Гордан Петров и Александар Петановски за објектот Тренинг центар ФК Вардар. Образложението е дека се работи за рационален и воздржан архитектонски израз, еден вид на дисциплинарен аскетизам со кој е на високопрефинет начин афирмирано Мисовото минималистичко архитектонско кредо „помалку е повеќе“.

    На вака распределените награди, со став се јави и претседателката на Асоцијацијата на архитекти Сања Раѓеновиќ Јовановиќ. Таа  вели:„За жал не успеавме да излеземе од маѓепсаниот круг на многу теорија, а малку пракса. Се прашувам да не сме поделени во некакви два света кои не сакаат да знаат еден за друг. Утешните награди некогаш се и навреда, затоа треба да се биде многу внимателен. Мислам дека колегите така се чувствуваат, јас го подржувам нивниот став, бидејќи очигледно е со сила дека не може да се даде, но може да се земе. Не е страшно да се изгуби од подобар, но не сум сигурна дека тоа се случи. Ова не ни е прв пат, но се надевам дека е последен. Бидејќи на квалитетните објекти не им е потребна награда за да опстојат на сцената, времето тоа ќе го покаже. Не ретко ни се случувале награди на објекти кои никој веќе не ги памети. Не се работи за наградување, се работи за нашиот чесен и професионален однос кон колегите кои дневно се бават со проектирање, особено во услови кога да се живее од архитектура и за архитектура се две работи кои немаат врска една со друга“.

    Архитектите потсетуваат дека тимот на Бакалчев со Митко Хаџи Пуља е награден и со Специјална награда пред две години, за православниот храм црква „Св.Илија“ во с. Говрлево, Скопско, а и пред тоа Биенале, значи во 2012 година со Голема награда на БИМАС, за Селски двор во Велмеј, Дебарца. Истиот тим беше награден со Големата награда и во 2008 година за проектот „Фолксваген и Ауди центар“, и со истата оваа Гран при се наградени и во 2000 година, за „Станбено-деловен објект СМС“.

    Жирито годинава беше во состав Мирослав Грчев, (претседател), Владимир Пота, Владимир Десков, Невена Георгиевска, Дејан Секуловски, Дамјан Цингарски, и како надворешен член Фросина Зафировска.

    Тие ги доделија и останатите традиционални награди за реализиран архитектонски објект, за проект од областа на архитектурата, за релизирана внатрешна архитектура – ентериер, а поради отсуство на пријави не се додели награда за реализиран индустриски дизајн. Награда за урбанистички план или проект не се доделува, поради отсуство на трудови во оваа категорија.

    Oсумнаесеттото Биенале на македонската архитектура БИМАС 2016 во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) се отвори на 17 мај, а темата беше „Рециклирана архитектура“ . Во најавата за изложбата, предавањата и дискусиите на оваа теми, архитектите рекоа дека ова биенале е посветено на зградите кои стојат полумртви, на заборавените празни простори кои се како болест за која има лек, но нема кој да ги лекува.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари