Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) објави два повика за доделување на најпрестрижните архитектонски награди во земјава, Големата годишна награда за 2020 и за предлагање можни добитници на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“.
Големата годишна награда на ААМ се доделува за најуспешно реализирано архитектонско дело за тековната календарска година, рокот за предавање е 14 декември, а од Асоцијацијата велат дека сите материјали треба електронски да се достават на [email protected]. Пристигнатите трудови ги селектира, оценува и донесува одлука за добитникот на наградата петчлено жири составено од афирмирани архитекти, членови на ААМ.
Лани наградата ја добија архитектите: Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи за основното училиште „Киро Глигоров“.
Наградата„Андреја Дамјанов“ е признание за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Право за поднесување на предлог за можни добитници имаат членовите на ААМ. Поради коронакризата и оневозожувањето за извршување на тековните обврски во предвидените рокови, рокот за поднесување на предлозите е 20 дена од распишување на повикот. Предлозите се доставуваат исклучиво на [email protected]. Лани наградата ја доби архитектот Миодраг Митровиќ.