АТИЏЕ И СЕМЕЈСТВОТО САМ ЌЕ ДОБИЈАТ ДОМОВИ, А ЕКИПАТА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ДРЖАВНА НАГРАДА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    АТИЏЕ И СЕМЕЈСТВОТО САМ ЌЕ ДОБИЈАТ ДОМОВИ, А ЕКИПАТА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ДРЖАВНА НАГРАДА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАСвеченото доделување на Оскарите е на 10 февруари во Холивуд, а Владата ќе ги покрие патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и протагонистката на доделувањето. - Режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов со ѕвездата на „Медена земја“ Атиџе Муратова и продуцентот Атанас Георгиев на скопската премиера во Милениум лани во март. (Фото: М. Аргакијева)

    Протагонистите на документарецот „Медена земја“, Атиџе Муратова и семејството Хусеин и Љутвие Сам со осум деца, ќе добијат материјална помош и домови, одлучи Владата на денешната седница, која се одржува во Штип. „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов испиша историја со тоа што стана прв македонски филм кој доби две номинации за Оскар, за најдобар документарец и најдобар странски филм. Продуцент е Атанас Георгиев, а кинематографери се Самир Љума и Фејми Даут.

    Владата, како што информира прес-службата, донелa повеќе одлуки за признание за авторите и протагонистите на филмот, а една од нив е Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на петчлената екипа која го сними филмот, која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.

    Владата го задолжува и Министерството за животна средина и просторно планирање да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта во земјата, на Универзитетите и во домовите на култура, „за широка афирмaција на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот“.

    Атиџе Муратова и семејството на Хусеин и Љутвие Сам со осум деца ќе добијат материјална помош и домови. – Сцена од документарецот (Фото: Продукција на „Медена земја“)

    „Медена земја“ е филм за Атиџе Муратова, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во напуштеното овчеполско село Бекирлија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.

    „Канцеларијата на претседателот на Владата презема обврска, во соработка со продуцентите на филмот да организира бесплатно емитување на филмот за граѓаните во кината, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик“, велат од Владата.

    Свеченото доделување на 92.Оскари е на 10 февруари во театарот Долби во Холивуд, а Владата ги задолжила  Генералниот секретаријат, во соработка со Агенција за филм и Канцеларијата на претседателот на Владата, да ги преземат патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и Муратова на доделувањето.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира