Вонвременската поезија на Блаже Конески и песната „Убавите жени“ беше инспирација за претставата „Меѓусвет“ на кореографката Рисима Рисимкин, со која Скопје танцовиот театар синоќа на 17. Танц фест прослави 10 години од основањето.
Годинава Македонија одбележува 100 години од раѓањето на кодификаторот на македонскиот јазик Конески. Рисимкин ни рече дека отсекогаш ја сакала неговата поезија на Конески, и дека за неа „Убавите жени “е преубава песна, синоним на едно време и начин на живеење.
„Кога почнав да размислувам за новиот ‘Меѓусвет’ некако спонтано ми дојде дека тие седејќи на столиците, всушност чекаат. Жените. Убавите. Несреќните. Во мојот народ. Едноставно, ме инспирира текстот повторно и повторно. Жената има посебно место во нашиот универзум, кое е во исто време божествено и профано. Во претставата, машката игра, композиторот Тони Китановски ја нарече ‘убавите мажи’, така што најдовме некој баланс, за свет во кој луѓето живеат заедно, во слики, поетски, само како далечни отслици на едно време, кое всушност не престанува никогаш и е тука“, вели Рисимкин за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Костимите се на Благој Мицевски, а дизајнот на сцена на Матеа Мијановиќ. Моќната порака на сцена ја пренесоа танчерите Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, Исидора Краљевска и Ивана Балабанова.
По претставата „Меѓусвет“, танчарите ја изведоа претставата „Ѓаволска дупка“ во кореографија на Битровски, и се прикажа краткиот филм „Дома“ а Адријана Данчевска.
Рисимкин вели дека круна на 10-годишното постоење на Скопје танцовиот театар, е поканата за во 2021 да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц.
Б. НЕСТОРОСКА