Британскиот графити уметник Банкси потврди дека тој е автор на муралот што осамна на една гаража во Порт Талбот, градот со железарница во јужен Велс.
На делото, од еден агол се гледа дете со зимска капа со пуфка и санка како ужива во врнежите од снег и се обидува да дофати снегулки со јазикот. Но од другата страна, јасно е дека она што всушност паѓа врз момчето не е снег туку пепел што излегува од канта или оџак.
Банкси објави фотографија од муралот на својата веб страница, а жителите на градот бараат делото да се стави под заштита.
Оваа година, Светската здравствена организација (СЗО) објави дека Порт Талбот е најзагаден град во Велика Британија. Но во мај, Советот на градот рече дека СЗО имала погрешни податоци и дека им се извинила.