Повеќе од 80 сегашни и поранешни учесници на Берлиналето потпишаа отворено писмо до фестивалот во кое го осудуваат она што го нарекуваат „молчење“ кога станува збор за конфликтот во Газа и „цензурата“ на уметниците кои проговориле. Актерите Тилда Свинтон, Хавиер Бардем, Анџелики Папуља, Салех Бакри, Татјана Маслани, Питер Мулан и Тобијас Мензиес, како и режисерите Мајк Ли, Лукас Донт, Нан Голдин, Мигел Гомес, Адам Мекеј и Ави Мограби се меѓу потписниците на писмото, во кое се вели дека „очекуваат институциите во нашата индустрија да одбијат соучество во ужасното насилство што продолжува да се води против Палестинците“.
Писмото е објавено во средината на годинешното издание на Берлиналето, во кое темите за политиката станаа централна тема, особено по коментарите на претседателот на жирито, Вим Вендерс, на прес-конференцијата за отворањето. Кога беше прашан за Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – ја покажа за Израел, тој рече „треба да се држиме подалеку од политиката“ и тврдеше дека филмското творештво е „спротивно на политиката“.
Вревата што следеше по таа изјава на Вендерс, ја поттикна директорката на фестивалот, Триша Татл, да даде изјава во која меѓу другото рече: „Од уметниците не треба да се очекува да коментираат за сите пошироки дебати за претходните или тековните практики на фестивалот врз кои немаат контрола“.
Во отвореното писмо, потписниците тврдат дека „жестоко не се согласуваат“ со ставовите на Вендерс за филмското творештво и политиката.
„Не можете да го одделите едното од другото“, велат тие, додавајќи дека „плимата се менува низ меѓународниот филмски свет“, наведувајќи го одбивањето на повеќе од 5.000 филмски работници, вклучувајќи неколку големи холивудски имиња, да работат со „соучеснички израелски филмски компании и институции“.
Во писмото се вели дека Берлиналето во минатото дало „јасни изјави“ за „злосторствата“ извршени врз луѓето во Иран и Украина.
„Апелираме до Берлиналето да ја исполни својата морална должност и јасно да го искаже своето противење на геноцидот на Израел, злосторствата против човештвото и воените злосторства врз Палестинците, и целосно да престане со својата вмешаност во заштитата на Израел од критики и повици за одговорност“, се заклучува во писмото.



