БЕГАЛЦИТЕ СЕ НЕВИДЛИВИ ВО НАШАТА ЗЕМЈА, НЕ СМЕЕМЕ ДА ОСТАНЕМЕ СЛЕПИ ЗА ПРОБЛЕМОТ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРКАТА КОТЕВСКА ЗА НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ „ПАТУВАЊЕ ПЕШ“

    БЕГАЛЦИТЕ СЕ НЕВИДЛИВИ ВО НАШАТА ЗЕМЈА, НЕ СМЕЕМЕ ДА ОСТАНЕМЕ СЛЕПИ ЗА ПРОБЛЕМОТ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРКАТА КОТЕВСКА ЗА НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ „ПАТУВАЊЕ ПЕШ“„Овој филм е гласот кој се надевам ќе ја разбуди македонската публика да сфати дека бегалците не се невидливи и постојат во секоја земја“, рече Котевска во видепораката. (Фото: СДК.МК)

    „Домот е каде што гулабите летаат над крововите“, „Домот е каде што храната се суши на ѕидовите“, „Домот е каде што завршува патувањето пеш“, „Што се случува со спомените кога се рушат домовите“, се дел од прашањата кои ги поставува 8-годишната Амал, во документарниот филм „Патување пеш“ (The Walk)  на режисерката Тамара Котевска.

    Вториот документарец на Котевска премиерно беше прикажан синоќа во Куршумли ан на затворањето на 15. Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс. Светската премиера беше лани на 9 ноември на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC). Претходниот филм на Котевска, „Медена земја“, што го режираше со Љубомир Стефанов, доби историски две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм.

    Документарниот филм го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, Грција, Италија, Франција и Англија, во обид да си најде дом. Филмот се снимаше 2 години, на територија на повеќе од 10 земји.

    „За жал, не можев да присуствувам на затворањето на МакеДокс и пораката ја снимив малку порано. Ми беше многу тешко да не сум таму на сопствената премиера, со сите вас и да ги почувствувам сите емоции коишто вие ги чувствувате. Лично бев многу интимно мотивирана да го направам филмот, токму поради тоа што потекнувам од земја во којашто бегалците се невидливи и тоа сите ние го знаеме и го сведочиме. Ние не смееме да останеме слепи на овој проблем. Овој филм е гласот кој се надевам ќе ја разбуди македонската публика да сфати дека бегалците не се невидливи и постојат во секоја земја. Ова е сериозен проблем кој допрва ќе станува на светско ниво и ние може многу да направиме, пред се со тоа што нема да имаме предрасуди. Се надевам дека допре до сите вас и ќе направи промена“, рече Котевска во видепораката до публиката од Сибир, каде снима нов документарец.

    Главен продуцент на „Патување пеш“ е британската филмска компанија „Греин медија“, македонски копродуцент е „ОХО продукција“, а доби поддршка и од македонската Агенција за филм.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира