БЕРЛИНАЛЕ ПРВПАТ ОТВАРА СО АНИМАЦИЈА, „ОСТРОВ НА КУЧИЊАТА“ НА ВЕС АНДЕРСОН

    БЕРЛИНАЛЕ ПРВПАТ ОТВАРА СО АНИМАЦИЈА, „ОСТРОВ НА КУЧИЊАТА“ НА ВЕС АНДЕРСОНЗа директорот на фестивалот Дитер Кослик ова е претпоследно Берлинале, договорот му завршува во мај 2019, а за неговиот наследник ќе одлучи специјална комисија (Фото: СДК.МК)

    (Од Берлин за САКАМДАКАЖАМ.МК: Силвера ПАДОРИ-КЛЕНКЕ)

    И годинашново 68. Берлинале остана верно на традицијата: политиката е една од темите која ја има во сите селекции на фестивалот. Но, не само на големото платно, туку и во бројните придружни дискусии во кои актуелност број еден е борбата против злоупотребата. Поради тоа, можеби високите потпетици и разголеноста годинава ќе ги нема во онаква мерка каква што сме навикнале да гледаме на црвениот тепих.

    „Но во никој случај нема да ги одбијам жените со рамни потпетици ниту мажите со штикли“, беше коментарот на директорот на фестивалот Дитер Кослик на денешната прес-конференција, на која стана збор за програмата, но и за актуелната дебата „Ијасистотака“ (#МеТоо) за рамноправноста која ја иницираше актерката Ана Бригеман и која алудираше и на гардербоата на црвениот тепих. Од Берлин, по бројните дискусии ќе биде упатен и манифест против дискриминацијата и злоупотребите, но како што кажа Кослик, последниве месеци има многу иницијативи на оваа тема, ама Берлиналето е фестивал што со години се занимава со оваа тема и работи пртотив дискриминацијата.

    Девет дена пред отворањето на 68. Берлинале, германскиот главен град е преплавен од плакати каде годинава во центарот е една кафена мечка, а не бела, како што беше изминативе години (Фото: СДК.МК)

    Во главната селекција за Златната и Сребрените мечки се 19 филмови, плус пет кои ќе бидат прикажани вон конкуренција. Интересно е што фестивалот на 15 февруари за првпат ќе го отвори еден анимиран филм, „Остров на кучињата – Патувањето на Атари“ на Американецот Вес Андерсон, а последен ќе биде норвешкиот „Утоја 22 јули“ на Ерик Попе, филмска реконструкција на терористичкиот напад од 2011 кога екстремистот Брејвик уби 77 млади луѓе на островот Утоја кај Осло. Меѓу филмовите со политичка позадина секако се и документарецот „Елдорадо“ на Маркус Имхов посветен на бегалците, но и полскиот „Лице“ на Малгоржата Шуmовска која говори за католицизмот во Полска. Во овој блок се и германскиот „Транзит“ на Кристијан Пецолд, но и „Во времето на ѓаволот“ на Лав Диаз, кој се занимава со мрачното поgлавје на диктатурата на Филипините.

    Дел од филмовите во главната конкуренција се занимаваат и со придонесот на уметниците во општеството. „Три дена во Квиберон“ на Емили Атеф е приказна за Роми Шнајдер, а Гас Ван Сант во „Не бери гајле, нема далеку да стигне пешки“ го отсликува животот на мајсторот на цртаните филмови Џон Калахан, кој по една несреќа е парализиран и во количка и кој преку цртањето открива своеврсна терапија. Во оваа група е рускиот „Довлатов“ на Алексеј Герман кој пренесува дел од животот на руско-еврејскиот писател Сергеј Довлатов, чии иронични текстови во времето на Брежњев беа забранети.

    За место во програмата на 68. Берлинале се пријавија 7.991 филмови, а селектирани се 385.

    Меѓу 78 држави кои се наведен како продуценти, годинава е и Македонија која е копродуцентт со Полска и Украина на филмот „Кога дрвата паѓаа“ на Марисиа Никитиук и Анастасиа Пусовит. Филмот е селектиран во секцијата „Панорама“ и премиерата ќе ја има на 20 февруари.

    Во текот на единаесетте фестивалски денови ќе бидат прикажани над 400 филма, а наградите ќе бидат доделени на 24 февруари. На чело на меѓународното жири е германскиот режисер Том Тиквер. За директорот на фестивалот Дитер Кослик ова е претпоследно Берлинале, договорот му завршува во мај 2019, а за неговиот наследник ќе одлучи специјална комисија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира