Работена по легендата на Марко Цепенков за овчарот и трите самовили, а обремената со еколошките проблеми на денешницата, „Три“ е првата професионална детска претстава на знаковен јазик во Македонија. Прeмиерата е на 29 октомври, во 18 часот во Центарот за култура во Битола, а наменета е за широка детска публика, меѓу кои и за деца со оштетен слух.
Додека се на сцена, актерите паралелно со говорот користат и знаковен јазик. Режисерот Јован Ристовски вели дека сите деца имаат право да уживаат во театарската сензација и заедно да се борат за решавање на проблемите од денешницата. Воедно претставата ќе придонесе и за градење свест за присуството на глуви и наглуви деца.
„Претставата освен што е на знаковен јазик покажува и еко катастрофа која се случува поради глобалното затоплување, вишокот на ѓубре, се загадува воздухот, водата, почвата, храната. Акцентот е ставен дидактички на тоа дека пластично ѓубре треба да се фрла во сина корпа, хартијата во жолта, останатото во зелена. Освен што децата ги едуцираме на знаковен јазик, ги учиме и како да селектураат смет. Да растe свеста кај нив, да не се фрла по улици. Во секоја сцена, и кога се на училиште и на ливада, нон-стоп некој фрла ѓубре, и сите сложно заедно го чистат светот. Во претставата ќе има премногу ѓубре, опипливо реално како што знае да биде по депониите, улиците, тротоарите. Со жив пример на сцена ќе покажеме како го собираат за да биде убаво и чисто“, вели Ристовски.
Во претставата е прикажано дете кое нема проблеми со слухот, а чиј лик го игра актерот Никола Пројчевски. Тоа заспива во длабок сон и има голема желба да ја дофати светлината. Таа се претвора во три самовили кои користат знаковен јазик, па тој спонтано го учи. Самовили се актерките Маја Андоновска- Илијевски, Анастазија Христова и Сандра Грибивска. Подготовките траеја два до три месеци, а со нив работеше и овластен тутор обучувач на знаковен јазик.
„Беше напорно зашто актерите се соочија со текстот кој треба да го говорат, а да користат и знаковен јазик. Паралелно течат двете работи, но со репетиции и проби се стигнува до крајот, сепак потребна е сериозна концентрација “, додава режисерот.
Идејата да направи претстава за деца на знаковен јазик ја добил во 2010 како режисер на Интернационалниот детски музички фестивал „Тра-ла-ла“ на кој, вокален монолог бил преведен на знаковен јазик од девојче од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор од Битола. Нејзините соученици биле воодушевени од музичкиот фестивал, од кореографијата, шаренилото, ефектите на сцена, а режисерот Ристовски фасциниран од тоа што деца кои не можат да слушаат останале на фестивалот три часа и се забавувале.
„Тоа ме доведе до заклучок дека ако тие се пресреќни од музички настан кој не го слушаат, што ќе се случи ако им направам претстава на нивниот јазик, сигурно би биле пресреќни“, вели Ристовски.
Но, реализацијата не одела лесно. Министерството за култура како проект на физичко лице го кофинасираше со 27 проценти од потребниот буџет. Шест месеци траеше постапката за формирање на граѓанското здружение АТО –Центар за современа уметниост и култура во Битола, за да може да обезбеди и друга поддршка. На крај идејата ја препознаа и поддржаа од Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ по налог на Германското сојузно министерство за економнска соработка и развој.
„Претставата ќе се игра прво во Битола, па ќе гостува во седум градови низ Македонија. Децата со оштетен слух на наставниците им велат дека се најсреќни кога и другите го зборуваат нивниот знаковен јазик. Пресреќни се ако ги сретниш на улица и им речиш здраво, како си или што правиш. Сакам еден ден во Народниот театар во Битола и во Театар за деца и младинци- Скопје да има на редовен репертоар, поддржана од Министерство за култура, барем еднаш годишно по една ваква претстава“, рече Ристовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА