„Бизнисот на задоволството“, дебитантскиот долгометражен игран филм на Гоце Цветановски, е прогласен за најдобар филм на фестивалот „In the Palace“ во Софија, каде што ја имаше и својата премиера. Покрај Софија, 20. издание на фестивалот се одржуваше и во Перник, Пловдив и Варна.
„Многу ме радува тоа што наградата ја додели публиката. На крајот на краиштата, секое филмско дело постои токму за гледачите. Неизмерно се радувам за ваквиот светол почеток за фестивалската кариера на филмот“, рече Цветановски.
Политичкиот трилер „Бизнисот на задоволството“ се снимаше на врвот на пандемијата на ковид-19 во есен 2020. Приказната следи новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“, првпат се потпиша како кинематографер на долгометражен игран филм. „Бизнисот на задоволството“, чии продуценти се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски, е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.
Македонската премиера на филмот би требала да се случи следниот месец.
Г. КОНЕВ