Археолошкиот музеј во Скопје ја отвори новата постојана поставка, со артефакти откриени во земјава што датираат од палеолитот па до 20. век. На површина од 6.000 метри квадратни, распоредени во 107 модерни витрини, изложени се 5.000 археолошки предмети – од палеолитските алатки, неолитските култури, бронзеното и железното време, па сè до антиката, средниот век, османлискиот период и поновата историја од 19 и 20 век. Изложбата ја подготвија 36 кустоси на музејот и над 15 надворешни соработници, меѓу кои археолози, документатори, конзерватори, архитекти и дизајнери.
Во рамките на поставката е и изложбата се значајните артефакти од Архајската некропола во Корошишта, Струшко, откриени случајно во 2020, а доистражени до 2024, и кои го привлекоа вниманието на домашната и светска јавност. Станува збор за 123 предмети, дел од нив се изложени, а другите меѓу кои се поголемите бронзени предмети, конзервацијата уште е во тек.
Поставката е организирана во 18 оддели, а според Археолошкиот музеј, таа е вистинско патување низ времето и сведоштво за животот и културата во земјава од најстарите траги се до 20. век односно Првата светска војна. Меѓу артефактите е и Охридската Изида од алабастер и други артефакти кои досега не беа изложени.

Изложени се 5.000 археолошки предмети – од палеолитските алатки, неолитските култури, бронзеното и железното време, па сè до антиката, средниот век, османлискиот период и поновата историја од 19 и 20 век. (Фото: К. Попов)
„Посебно значење имаат новите археолошки наоди откриени во последните години на истражувањата во Корошишта, Скупи, Тумба Маџари и на други локалитети. Тие сведочат дека археологијата не е завршена приказна, туку процес којшто постојано не изненадува и не збогатува со нови сознанија“, рече на творањето директорката на Археолошкиот музеј Магдалена Манаскова и додаде дека Археолошкиот музеј отвара едно ново поглавје и станува место каде посетителите ќе се враќаат повторно и секогаш наоѓајќи нешто ново.
„Вечерва отвораме ново поглавје во нашата работа – отвораме поставка чие официјализирање не значи завршен чин, туку почеток на континуирана приказна што постојано ќе се надополнува, почеток на едно ново и динамично функционирање. Со оваа поставка ја поставуваме основата, но и обврската секој месец да внесуваме новитети, тематски изложби, современи интерпретации на старите наоди, дигитални алатки за интерактивно учење и дијалог со публиката. Музејот од вечерва станува постојано движечки простор кадешто посетителите имаат причина повторно и повторно да се вратат секогаш наоѓајќи нешто ново“, рече Манаскова.
Годинава, преку Министерството за култура и туризам ќе се финансираат 49 археолошки истражувачки проекти со вкупна инвестиција од 17 милиони денари (276.000 евра). Од нив, 39 се проекти на национални установи, пет на локални музеи и пет на други истражувачки субјекти.