Никој не се пријавил на огласот за изработка на основен проект за обнова на фасадата на зградата „Ибни Пајко“. Архитектите го послушаа повикот за бојкот на огласот од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) па денес на отворањето на понудите комисијата само констатирала дека не стигнала ниту една понуда за преслекување на „Ибни Пајко“ во барок.
Од Град Скопје највуваат дека наскоро ќе го повторат тендерот, а од ААМ велат дека и тие ќе го повторат повикот за бојкот.
„Ова е втор успешен повик за бојкот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Фелата го послуша нашиот повик исто како што го послуша и повикот за бојкот на манифестацијата Архитектура на Град Скопје 2015, на која не се јави ниту еден архитект. Нема да се откажеме од борбата за архитектурата на Скопје. Колку пати Градот ќе го повтори огласот, толку пати ние ќе го пoвториме повикот на бојкот“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката на ААМ, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ.
Огласот за основен проект за фасадата на „Ибни Пајко“ градските власти го распишаа во ек на Шарената револуција со која граѓаните најдиректоно покажаа дека се против барокните решенија и менувањто на изгледот на Градот. Откако Градот го објави огласот за основен проект ААМ ги повикa своите членови да не учествуваат на тендерот за изработка на Основен проект за реконструкција на фасадата на зградата “Ибни Пајко“.
„ААМ смета дека единствениот начин да се стави крај на скрнавењето на градот е бојкот од архитектите изразен со неучествување во изработување на нарачаните проекти. Оправдувањата на дел од колегите дека изработување на Основен проект не значи и авторство на делото до некаде се точни, но значи дека си соучесник во уништувањето на градот“, стоеше во повикот за бојкот.
Тричлената комисија за јавни набавки во состав: Нада Митревска претседател и Катерина Божијанова и Бесник Осеку, членови, по отворањето на понудите на тендерот, за изготвување основен проект за реконструкција на фасадата на зградата „ Ибни Пајко“, констатираа дека ни една фирма не се пријавила.
„На електронскиот систем за јавни набавки при означување на почетокот на јавното отворање и преземање на записникот од јавното отворање на постапката, констатирано е дека на системот нема доставено ниту една понуда за учество во оваа постапка“, изјави Кристина Диневска, советник за јавни набавки во Град Скопје.
Според комисијата, тендерот ќе биде повторен наскоро.
Проектот на град Скопје за менување на постоечката фасада на зградата „ Ибни Пајко“ во барокна , како дел од промената на изгледот на уште четири згради, на улицата Димитрие Чуповски, наиде на негодување од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Таа го повика членството да го бојкотира конкурсот.
„Оправдувањата на дел од колегите дека изработување на основен проект не значи и авторство на делото, до некаде се точни, но значи дека си соучесник во уништувањето на градот“, велат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Изготвувањето на проектната документација ќе чини околу 1 милиони и 17 илјади денари.