БОСАНСКО-МАКЕДОНСКАТА „ОТЕЛО“ НА НИНА НИКОЛИЌ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО МНТ

    БОСАНСКО-МАКЕДОНСКАТА „ОТЕЛО“ НА НИНА НИКОЛИЌ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО МНТВо претставата играат актери од БиХ и од Македонија и тие репликите ги изговараат на мајчин јазик. – Енес Салковиќ и Дарја Ризова како Отело и Дездемона. (Фото: МНТ)

    По премиерата во Босна и Херцеговина пред 20-ина дена, претставата „Отело“ од Шекспир на македонската режисерка Нина Николиќ вечерва во 20 часот ќе  има скопска премиера во Македонскиот народен театар (МНТ). „Отело“ е копродукција на Босанско народно позориште од Зеница, „Перипетија продукција“ и МНТ.

    Во претставата играат актери од БиХ и од Македонија и репликите ги изговараат на мајчин јазик. Според драматургот Тамара Барачков, ова читање на „Отело“ е карактеристично по радикалниот пристап кон Шекспировите јазик и стил. Екипата интервенирала во трансформацијата на јазикот и во преведувањето во современ говор.

    „Така, јазикот стана соголен, директен и лишен од поетичноста, со што се акцентирани и нагласени и актуелни теми денес. Сепак, во одредена мера, поетичноста е задржана само во начинот на говорот на Отело, што претставува уште една негова дистинкција, детаљ што го одвојува овој лик од другите. Исто така, со постапката македонските и босанските глумци да ги играат улогите секој на својот мајчин јазик, дополнително се развива поигрувањето со говорот како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање. Низ приказната за љубомората и стравот од неверство, се проблематизира односот кон жените што го препознаваме и во денешното традиционално патријархално општество“, вели Барачков.

    Отело го игра Енес Салковиќ, Дездемона е Дарја Ризова, а Јаго е Саша Ханџиќ.

    „Со Нина и со моите колеги несебично и со свои сили го изодевме овој пат на создавање на претставата. Сѐ беше со труд, енергија, емоција и, пред сѐ, љубов кон нашата професија. Можам да посакам уште повеќе вакви копродукции, затоа што културната соработка претставува начин на поврзување на луѓето, што сметам дека е задача на нашата генерација“, ни рече Ризова.

    Од македонска страна играат и Ѓорѓи Јолевски, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски и Аксел Мехмед, а од БиХ Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ и Златан Шкољиќ.

    Сценографијата е на Вишња Вујовиќ, костимите на Ивана Каранфиловска-Угуровска, а музиката на Дуке Бојаџиев. Репризата е утревечер. За следните изведби, засега е познато дека во јануари ќе има две во Зеница, а во Скопје ќе се врати во февруари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари