ЧАЛГИИТЕ КАЗНУВАНИ СО 60 ГРОША АКО ПЕЕЛЕ БЕЗ ДОЗВОЛА, ДУЌАНЏИИТЕ СО 75 ГРОША АКО МАМЕЛЕ ПРИ МЕРЕЊЕ – ДРЖАВНИОТ АРХИВ ЧУВА ДОКУМЕНТИ ЗА СТРОГИТЕ ЗАКОНИ НА СКОПСКАТА ТУРСКА ОПШТИНА

    ЧАЛГИИТЕ КАЗНУВАНИ СО 60 ГРОША АКО ПЕЕЛЕ БЕЗ ДОЗВОЛА, ДУЌАНЏИИТЕ СО 75 ГРОША АКО МАМЕЛЕ ПРИ МЕРЕЊЕ – ДРЖАВНИОТ АРХИВ ЧУВА ДОКУМЕНТИ ЗА СТРОГИТЕ ЗАКОНИ НА СКОПСКАТА ТУРСКА ОПШТИНАМеница од Земјоделската банка на Селман, син на Ибрахим од Кара Капучи Маало, од 24 јуни 1899 година. (Фото: Државен архив)

    Казна од 60 гроша пред 150 години добивале чалгиите (свирачите) кои свиреле без дозвола, казната за измама при мерењето изнесувала до 75 гроша, велат дел од податоците кои се чуваат во фондот Општинска управа Скопје (Скопска турска општина) во Државниот архив. Станува збор за еден од побогатите и позначајни фондови во Архивот, кој е исто така еден од често користените фондови за научно-истражувачки цели.

    За тоа како функционирала Скопската општина пред 150 години, разговаравме со Воислав Цветковски од Секторот за заштита на архивскиот материјал во Државниот архив – ДЕПО.

    Во втората половина на 19. со реформите на локалната управа, поточно во 1869 година била формирана и градската општина (Беледие) Скопје. Скопската турска општина имала статус на централна општина во Вилаетот. Маалата во градот претставувале административни единици и секоја од нив имала мухрат избран од населението, а исто така имале и маалски совет од 3 членови. Населението во градот се занимавало со занаетчиство, особено кожарство, со трговија и земјоделство. Занаетчиите во Скопје биле организирани во еснафи со 810 дуќани.

    Уверение за државјанство на оригинал османски ракопис, на Јусуф, син на Хусеин бег од Ибни Омер маалото во Скопје, од 12 мај 1912 година. (Фото: Државен архив)

    Општината своите обврски ги извршувала преку бирани и назначени органи. Биран орган бил советот на општината, а назначени органи биле: Претседателот и Секретаријатот на општината (главен секретар – главен писар, втор секретар – помошен писар); Финансиската служба (главен финансиски извршител – даночен службеник, сметководство – благајник); Здравствено-хигиенска и социјална служба (лекар и хирург, ветеринар, аптекар); Градежно-урбанистичка и комунална служба (инженер, службеник за градежни работи); Инспекција (Главен инспектор, општински комесар и општински чауши); Помошни служби (курир, телал, чистачка).

    Инаку, надвор од организацијата на општината дејствувале и некои други служби меѓу кои и службата за просвета и култура и Мухаџирската комисија.

    Извадок од преведените документи кои се чуваат во фондот Општинска управа Скопје. (Фото: Државен архив)

    „Доста интересен е и делот со приходите од изречените казни. Секое едно лице кое ќе ги прекрши законските прописи било казнувано врз основа на Законот за казни. Тука би навел неколку примери: Казна за измама при мерењето до 75 гроша; Продажба на продукти штетни по здравјето на луѓето од 5 до 25 сребрени гроша; За продажба на стока поскапо од нормирана цена до 75 гроша, за нерегистрирана мерка за мерење од 5 до 75 гроша. Казна се заработувало ако се продаде леб полесен од пропишаната тежина за леб, ако се продаде поскапо исто така, казна следувало и за колење добиток во период на забрана на колење. Казна од 60 гроша заработувале чалгиите (свирачите) кои свиреле без дозвола“, вели Цветковски.

    Список на население во маалата: Худареврди, Хаџи Балабан и други, од 31 декември 1919. (Фото: Државен архив)

    Цветковски вели дека Советот на општината броел 8-12 лица, избрани на општински избори. Право на глас имале сите оние лица кои плаќале данок од 50-100 гроша годишно, а право да биде избран имал секој оној кој плаќал 100 гроша годишен данок. Според изборното право, во советот можеле да бидат избрани и лица кои по верска припадност не биле муслимани. Мандатот на советот траел 4 години.

    Советот се состанувал и работел на седници кои се одржувале два пати неделно, а по потреба имало и вонредни седници. На седниците, секако, се воделе записници и сите донесени одлуки и разни акти на седниците на советот биле одобрувани од вилаетските органи.

    „Финансирањето на општината е за мене еден од најинтересните делови, и нешто достојно за почит. Буџетот на општината, нормално, се формирал од редовни и вонредни примања. Редовните приходи се состоеле од остварени приходи од општинските имоти, градските такси, казните, заверување и потврдување на разни договори и правни акти, додека пак вонредните приходи се остварувале од придонеси од населението, заеми, кредити, посвети, подароци и слично. Да напоменеме неколку општински имоти: Општинската кланица, Сушарата (кожарата), Бањата во Катланово, чамецот кај село Јурумлери, градежно и обработливо земјиште, дуќани, работилници и слично, кои што општината ги давала под закуп или ги продавала“, вели Цветковски.

    Поголемиот дел од расходите општината ги покривала од таксите. Некои такси се наплатувале и пред основање на општината, а некои по нејзиното основање. Општината ги наплатувала следните такси: на сопственост, на занает, на портарина (трошарина), мостарина, кантарина, продажба на добиток, чување на добиток, ѓубретарина и слично. Покрај редовните такси и даноци општината имала право да воведе и вонредни давачки.

    Фондот Општинска управа Скопје е еден од побогатите и позначајни фондови во Архивот, кој е исто така еден од често користените фондови за научно-истражувачки цели. (Фото: Државен архив)

    Трошењето на парите било строго контролирано, при што за секој зафат на општината за кој биле потребни одредени финансиски средства подложел на одобрување од вилаетскиот меџлис. Така што, според податоците, приходите на општината од 1 март до 15 мај 1888 година изнесувале 185.875 гроша, а расходите за тој период 24 033 гроша. Остатокот од 161.842 гроша општината немала право да го троши без претходно одобрение.

    Од организационата структура произлегувале и задачите на одделните органи и служби на општината. Главно, општината се занимавала со  изградба на објекти од општ интерес за градот (градска кланица, воена болница, кожара и слично), изградба на водовод и канализација, поправка на улици и тротоари, регулација на коритото на реката Вардар, изградба и доградба на куќи, дуќани, нормирање на цените на основните прехранбени и други производи; контрола на квалитетот на повеќе видови производи, главно на прехранбените; контрола на исправноста на апаратите за мерење и точноста при мерењето.

    „Ќе споделам уште една занимливост, по појавата на колерата во Солунско во 1889 година, Скопската општина одржала вонредна седница на која биле донесени повеќе одлуки, меѓу кои формирање на комисија која ќе раководи со борбата против болеста, одлука за карантин, генерално чистење на градот, вакцинирање на децата и друго. На 21 јули 1893 година, претседателот на Турската влада со телеграфска наредба побарал од Скопската општина да преземе соодветни и енергични мерки за отстранување на опасноста од проширување на чумата која веќе се појавила во некои краеви. Постоел фонд за социјална помош, кој главно се формирал од доброволни прилози и минимално од редовните средства на општината. Во 1892 година била собрана сума од 3.593 гроша од 830 лица, а две години подоцна во 1894 година еснафите дале 1.910 гроша за фондот“, вели Цветковски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира