ЧУВАЈТЕ ГИ ОХРИД И ЕЗЕРОТО, ОПЕРСКИТЕ ПРВЕНЦИ ЈА ПЕЕЈА „БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ“ ВО ЕДЕН ГЛАС СО ПУБЛИКАТА ВО „СВЕТА СОФИЈА“

    ЧУВАЈТЕ ГИ ОХРИД И ЕЗЕРОТО, ОПЕРСКИТЕ ПРВЕНЦИ ЈА ПЕЕЈА „БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ“ ВО ЕДЕН ГЛАС СО ПУБЛИКАТА ВО „СВЕТА СОФИЈА“Како порака за спас на Охрид, оперските пејачи Весна Ѓиноска-Илкова, Ирена Кафкалевска, Благој Нацоски и Наде Талевска-Спасовска синоќа ја пееја „Билјана платно белеше“ на концертот на Охридско лето во црквата „Св. Софија“. (Фото: Охридско лето)

    Оперските пејачи Благој Нацоски, Весна Ѓиноска-Илкова, Ирена Кафкалевска и Наде Талевска-Спасовска синоќа на концертот на Охридско лето во црквата „Св. Софија“ ја изведоа македонската пeсна „Билјана платно белеше“ како порака за спас на Охрид, во контекст на последните барања од УНЕСКО да се отстранат дивоградбите кои му го загрозуваат статусот на Охрид како заштитено светско културно и природно наследство.

    Тенорот со светска кариера Нацоски, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека е многу чувствителен на темата Охрид и УНЕСКО.

    „Не сакам ни да помислам дека едно од најстарите езера на светот, македонски бренд познат од Токио до Буенос Аирес, би можело да се најде надвор од листата на светски културни наследства. Неколку дена се двоумев како го искористам моето присуство во Охрид за една порака на таа тема. Утрото пред концертот, на моја иницијатива со колешката Весна ја отпеавме песната ‘Билјана платно белеше’ за една телевизија токму во ‘Света Софија’, а вечерта коцките се наместија сосем поволно да ја испратиме пораката која публиката со воодушевување ја прифати“, ни рече Нацоски.

    Нацоски додава дека немале подготвено бис за вечерта и кога виделе дека а публиката е жедна за уште музика, Ѓиноска-Илкова му шепнала: „Ајде повторно да ја отпееме ‘Билјана’, а капела барем, бидејќи оркестарот нема ноти за неа”.

    „Јас го искористив моментот да кажам два збора околу темата пред да ја испееме песната. При изведбата се случи нешто прекрасно: публиката полека почна со нас да пее, а и оркестарот постепено влезе во изведбата и се создаде една изведба која верувам дека ќе остане во сеќавање и е можеби и најсилна порака до надлежните кои треба да се погрижат за статусот на нашиот бисер“, кажа Нацоски.

    Примадоната Ѓиноска-Илкова по оперскиот концерт на Националната опера и балет (НОБ) под диригентство на Бисера Чадловска, на Фејсбук напиша: „Благодарам на колегите Ирена Кафкалевска, Благој Нацоски, оркестарот на НОБ со кои ја отпеавме оваа песна да пратиме силна порака за заштита на нашиот Охрид , и зачувување на статусот природно и културно наследство на охридски регион. Концерт за паметење во храмот ‘Св. Софија’“.

    Режисерот со светско реноме и селектор на драмската програма на Охридско лето Александар Поповски, во петокот го отвори фестивалот со барање да се отстранат дивоградбите во Охрид, нарекувајќи ги „диво месо“. Емотивното обраќање на Поповски беше писмо до големиот, неодамна починат македонски драматург Горан Стефановски, а исто така и во контекст на последните барања од УНЕСКО да се отстранат дивоградбите.

    Поповски во име на уметниците побара Охрид, државата и сите граѓани да отворат фронт кој жестоко ќе се спротивстави на уништувањето, не само на културното и на природното наследство.

    „Ако дивоградбите ги разбереме како метафора на нашиот свет, тогаш Горан, треба твоето диво месо да го земеме како рецепт. Значи, јас читам сега диво месо, а вие слушајте дивоградби. Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и ќе нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти, а раната да се изгори со жар“, рече Поповски.

    Од вкупно 1.076 дивоградби во Охрид, 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти, покажа посебниот Регистар на нелегалните градби што го изработи Општина Охрид за нејзината територија, согласно препораките кои беа нотирани од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари