„ЧУВСТВОТВОРЕН ЈАЗИК“ Е МОТОТО НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА, ЌЕ СЕ ОДРЖАТ ОД 24 ДО 28 АВГУСТ

    „ЧУВСТВОТВОРЕН ЈАЗИК“ Е МОТОТО НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА, ЌЕ СЕ ОДРЖАТ ОД 24 ДО 28 АВГУСТ„Сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот“, рече директорот Тасевски. (Фото: СВП)

    Годинашното издание на Струшките вечери на поезијата (СВП) ќе се одржи од 24 до 28 август, а мотото е „Чувствотворен јазик“, кажа на денешната прес-конференција директорот на Фестивалот, Тодорче Тасевски.

    „Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик како јазик створен, односно создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Исто така, сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот, па во таа смисла таа е и чудотворен јазк. Ваквиот поетски јазик е предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Во програмата на Струшките вечери оваа година е предвидена тркалезна маса на тема Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“, кажа Тасевски.

    Годинашен лауреат на Златниот венец на СВП, е академик Влада Урошевиќ, а поетскиот портрет за него е на 26 август во црквата „Св. Софија“ во Охрид.

    Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.

    Како дел од програмата за одбележување 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, кој бил и  претседател на првиот фестивалски Одбор,  предвидени неколку содржини, како изложба на фотографии поврзани со учеството на Шопов на Струшките вечери на поезијата и неговиот огромен придонес за основањето и развојот на Фестивалот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира