„Многу го сакам балетот. Пак да се родам пак ќе играм. И да умрам и да се родам, пак ќе играм балет“, со овие зборови на легендата на македонскиот балет Екрем Хусеин почна комеморацијата во Македонската опера и балет. Хусеин почина на 75 години на 23 август, по долго и тешко боледување.
Пред емотивните говори на уметничката директорка на Балетот Олга Панго, балетските педагози Ѓурѓица Јовановска и Емилија Џипунова и ќерката на Хусеин, беше прикажано кратко видео од „Артмедиа“ од пред неколку години, снимено од Наташа Поплавска и Емил Петро, во кое говори Хусеин и голем број негови колеги.
Доајенот на македонскиот балет во видеото зборува за почетоците, за аплаузите, колегите и работата со кореографите, и кажува дека не сакал да биде прв во балетот, туку најдобар.
„Балетски уметници од мојата генерација се повлекоа кога дојдоа на моја возраст. Мене и докторите ми велат, телото те држи и ти кажува до кога ќе можеш да играш. Јас уште години исто можам да стојам во строга пета позиција како на 10 години“, кажува Хусеин со неговиот ведар и препознатлив дух.
„Сум имал психички трауми, струења од сите страни, луѓе, па ме покажувале со прст, па имало ситуации те сакаме, не те сакаме, ни требаш, не ни требаш. Револуција во мозокот ми се случуваше, но кога ќе дојдев на сцена, сѐ се бришеше, како ништо да не се случило“, вели Хусеин.
Неговите колеги Снежана Филиповска, Емилија Џипунова, Јагода Сланева, Катерина Кипровска, Саша Евтимова и Киро Павлов во видеото кажуваат дека Екрем е необичен балетски играч, единствен во Македонија по неповторливоста на неговата танцова енергија, секогаш маркантен, кој не може да биде незабележан на сцената. Тие споделуваат дека е нивен омилен колега, чии критики и пофалби се секогаш добредојдени и дека неговата позитивност им е многу потребна во некои ситуации.
„Тој знае да врти по неколку пируети, со една таква полетност и ритам да неговиот замав се чини како да ја освојува целата сцена“, вели Џипунова, а пак Филиповска додава дека е премалку да се каже оти Екрем е вљубеник во балетската уметност.
Хусеин во 2008 играше во претставата „Црвениот лебед“ во кореографија на Искра Шукарова, со која обележа 50 години кариера. Во 2008 ја доби наградата Менада на „Танц фест Скопје“ за врвни достигнувања во областа на танцот.
Б. НЕСТОРОСКА