ДАНСКИОТ РЕЖИСЕР ЛАРС ФОН ТРИР ИМА ПАРКИНСОНОВА БОЛЕСТ

    ДАНСКИОТ РЕЖИСЕР ЛАРС ФОН ТРИР ИМА ПАРКИНСОНОВА БОЛЕСТФон Трир се лекува и ќе може да ја заврши третата сезона на „Кралството“. (Фото: Гети)

    Данскиот режисер Ларс фон Трир има Паркинсонова болест, објави неговата продукциска куќа Зентропа. 66-годишниот режисер се лекува и ќе може да го заврши својот следен проект, многу очекуваната трета сезона на „Кралството“, но во иднина ќе има понизок јавен профил.

    „Ларс е во добро расположение и се лекува за неговите симптоми – и му е даден третман за да може да го заврши ‘Егзодус на кралството’“, се вели во соопштението. „Болеста значи дека Ларс ќе учествува во интервјуа само во ограничен обем до премиерата подоцна во годината“, објави Зентропа, продуцентската куќа, која Фон Трир ја коосноваше во 1992 година со продуцентот Питер Албек Јенсен.

    „Егзодус на кралството“ ќе има светска премиера на филмскиот фестивал во Венеција во септември. Оваа сезона го затвора ТВ-серијалот на контроверзниот режисер, кој првпат беше прикажан во 1994 на данскиот јавен сервис ДР. Серијата ги следи персоналот и пациентите на Неврохируршкото одделение во болницата во Копенхаген. Во актерската екипа на новата сезона се Микаел Персбрант, Ларс Микелсен, Николај Ли Каас, Тува Новотни и Дејвид Денчик, а гостуваат Александар Скарсгард и Дејвид Денчик.

    Фон Трир го напиша „Егзодус на кралството“ заедно со Нилс Ворсел. Меѓу другите филмови на Фон Трир се „Европа“, „Спроти брановите“,  „Куќата што ја изгради Џек“ (2018), „Нимфоманка“ (2014), „Меланхолија“ (2011) и „Догвил“ (2004). Неговиот мјузикл од 2000 година „Танчарка во мракот“, со Бјорк во главната улога, ја освои Златната палма на Канскиот филмски фестивал. Тој е основач на движењето Догма 95, заедно со Томас Винтерберг, а неговиот „Идиоти“ е едно од најдобрите дела од ова движење.

    Данскиот режисер беше протеран на седум години од Канскиот филмски фестивал во 2011 бидејќи на прес-конференцијата за „Меланхолија“ изјави дека „сочувствува“ со нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира