Дебито на Косара Митиќ „17“ е македонски кандидат за Оскар, во категоријата најдобар меѓународен филм, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ).
„Одлуката ја донесе Комисијата за избор на национален кандидат за Оскар при , чиј состав е прифатен и одобрен од Американската академија за филмски уметности и науки: Марија Димитрова – претседател на Комисијата и продуцент, Антонио Митриќески – режисер, Дејан Димески – директор на фотографија, Иван Бартлинг – сценограф, Георги Унковски – режисер, Теута Ајдини Јегени – актерка и Сара Ферро – продуцент. Во изборот оваа година беа пријавени два долгометражни играни филма: ‘Скејтбордингот не е за девојчиња’ на Дина Дума и ’17’ на Косара Митиќ“, соопшти ДФРМ.
„17“ имаше светска премиера во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, а до сега има освоено 11 фестивалски награди, меѓу кои и во Уругвај, Болцано, Лас Палмас, Тофифест, Ерусалим, Срцето на Сараево за најдобра актерка за Ева Костиќ, Специјална награда за промовирање родова еднаквост и уште две награди на Сараевскиот фестивал и награда во Херцег Нови за најдобра режија за Косара Митиќ.
Во филмот, инспириран од вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе во тоалет на граничниот премин Табановце и замина на апсолвентска екскурзија во странство, играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
Сценариото е на Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ, продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката и фризурата се на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер е Владимир Павловски. Филмот е продукција на „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународен продажен агент е „Тотем“.
Свеченото доделување на 99. награди на Американската академија за филмски уметности и науки ќе се одржи на 14 март 2027 година во Лос Анџелес. Листата на филмови кои ќе влезат во потесниот избор за Оскар ќе биде објавена на 15 декември 2026 година, додека номинациите за 99. Оскари ќе бидат објавени на 21 јануари 2027 година.



