ДЕЈАН ДУКОВСКИ ПИШУВА НОВ ТЕКСТ ЗА БЕОГРАДСКО ДРАМСКО ПОЗОРИШТЕ, РАБОТНИОТ НАСЛОВ Е „ПАРИ“

    ДЕЈАН ДУКОВСКИ ПИШУВА НОВ ТЕКСТ ЗА БЕОГРАДСКО ДРАМСКО ПОЗОРИШТЕ, РАБОТНИОТ НАСЛОВ Е „ПАРИ“Директорот на БДП Југ Радивојевиќ и Дејан Дуковски го потпишаа договорот на 13 септември. (Фото: БДП)

    Драматургот Дејан Дуковски, најизведуваниот македонски драмски писател, пишува текст за Београдско драмско позориште (БДП), чиј работен наслов е „Пари“, потврди тој за САКАМДАКАЖАМ.МК. Веста  на 13 септември ја објави култниот српски театар на нивната фејсбук страница, каде наведе дека Дуковски, еден од најголемите современи драмски автори на овие простори, ексклузивно пишува праизведба за БДП.

    „Сѐ уште нема што многу да се каже. Муабетот со директорот Југ Радивојевиќ за мој ангажман во БДП е уште од пред некоја година. Јас во меѓувреме го завршив ‘Последниот Блакански Вампир’ во Српско народно позориште (СНП) во Нови Сад, мој нов текст со стар наслов и сега конечно го потпишавме договорт со БДП за нов текст со работен наслов ‘Пари’. Текстот треба да биде готов до септември следната година, а премиерата февруари 2025“, ни изјави Дуковски.

    Дуковски е драматург, драмски писател и сценарист. Дипломирал на Отсекот за драматургија на Факултетот за драмски уметности, Скопје, во класата на Горан Стефановски, во 1990. Од 2015 работи како драматург во Македонски народен театар (МНТ) Скопје.

    Според информациите од МНТ, „Буре барут“ е најпоставуваниот драмски текст на Дуковски, кој покрај праизведбата во МНТ (1994) е изведен и на уште деветнаесет сцени и на речиси толку јазици, меѓу кои и во Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Германија, Данска, Холандија, Шведска, Јапонија, Бугарија, Турција.

    Според сценариото на „Буре барут“ е снимен игран филм во режија на Горан Паскаљевиќ, копродукција на куќи од Македонија, Франција, Германија, Турција, Југославија и од Грција. Филмот учествуваше на познати светски фестивали и ги доби наградите на ФИПРЕСЦИ – награда од критиката на Фестивалот во Венеција (1998); Награда на Европската асоцијација на критичарите (Лондон, 1998); Гран при на Фестивалот во Анталија, Турција (1998); „Бронзена камера 300“ на „Браќа Манаки“ (Битола, 1998); Гран при на фестивалот во Хаифа (Израел, 1999).

    Сите негови текстови се преведени на многу јазици и повеќекратно се наградуван. Изведени се на осумнаесет јазици, на повеќе од сто сцени во светот од кои во Македонија 20, а останатите во другите земји.

    Добитник е и на награди за  најдобар современ драмски текст на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ Прилеп, за драмските текстови „Балканот не е мртов“ (1993) и „Буре барут“ (1995) и  на Гран при на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ за драмскиот текст „Маме му ебам кој прв почна“ (Белград, 1997).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира