Обоистката од Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) Татијана Петрушевска е суспендирана од работа од генералниот директор Оливер Арсовски, има забрана за влез во матичната куќа додека трае дисциплинската постапка против неа и платата ѝ е намалена на 50 отсто, соопшти Синдикатот на културата на Македонија. Оттаму велат дека Петрушевска е суспендирана спротивно на сите законски процедури, без правна основа и со грубо кршење на работничките права.
Според документите кои ги објави Синдикатот, Петрушевска, која со работна позиција прва обоа е вработена во институцијата повеќе од 30 години, е суспендирана поради конфликт со диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан на пробата на 16 јануари за балетот „Мадам Бовари“.
Арсовски за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека утре во 11 часот ќе имаат состанок во институцијата со нивниот Синдикат, по што ќе објават соопштение. Петрушевска закажа прес-конференција во 10 часот.
„Диригентот пред Оркестарот ме обвини дека не свирам во темпо, во реакција како свесно да сака да влезе во конфликт конкретно со мене, а јас како да бев однапред зацртан таргет. Јас му одговорив дека тоа не е точно и дека ‘јас свирам онака како што вие диригирате’, по што тој изјави дека можел да биде и многу лош и многу добар, но сега ќе бил многу лош и ме повика да ја напуштам просторијата, по што јас побарав објаснување зошто тоа да го направам и дали го прекршив работниот процес. По реакцијата на концерт-мајсторот Јане Бакевски дека не е во ред ова однесување на диригентот, тој ја прекина пробата и демонстративно ја напушти салата. Ова не е прв пат истиот гостинот-диригент Амбарцумјан да таргетира оркестарски уметници, преку саркастичен и цинички забелешки, неретко и со навреди и викање. Ова беше капка која што ја прелеа чашата, и спонтано решивме јас, концерт-мајсторот на пробата Јане Бакевски и првиот фаготист Марјан Милошевски да доставиме пријава за однесувањето на Едуард Амбарцумјан до дирекција уште истиот ден. Накратко откако ја предадовме во архива, речиси пред крај на работно време, добив известување дека имам за подигање документ, а тоа беше решението за суспензија, со наведување на дисциплински престап од потежок карактер“, се вели во пријавата на Петрушевска до Синдикатот.
Таа потенцира дека решението за суспензија е невалидно од повеќе аспекти. За да се даде суспензија, вели таа, треба прво два пати да се утврди дека го повредила работниот процес и тоа обично се дава на лица пред отказ. Против неа никогаш не се водела постапка досега. Понатаму, вели таа, потпишано е од директорот, но не своерачно, туку со факсимил, за што имааат неофицијални сознанија дека тој можеби воопшто и не бил во државата на 16 јануари.
„Понатаму, изјавата на диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан е наведена од 21.05.2025, за што јас никогаш не сум била повикана да се произнесам и никогаш не сум добила таква пријава, со оглед на фактот дека на 21.05.2025 година и не сум учествувала во никаков проект кој бил поврзан со Амбарцумјан. А самите наводи во содржината на пријавата се тотално извртени и неточни. Така јас заклучив дека сум била однапред зацртан таргет, со тенденциозно решение кое укажува само на претходна организација. Кога дојдов да го подигнам решението за суспензија на првиот работен ден после 16.01, а тоа е 20.01.2026, ми рекоа да чекам затоа што ќе добијам уште еден документ, за кој сфатив дека уште се подготвува. Датирано и архивирано од 16.01, јас на 20.01 чекав да ми биде врачен Прелог за покренување на дисциплинска постапка. Во овој предлог, веќе датумот на изјавата на Амбарцумјан е од 16.01.2026, и тука потпишан е уметничкиот раководител, кој бил на работно место. Со овој документ кој чекав да ми се изготви, но датиран со друга дата, дирекција се обиде да си ја поправи грешката со документот за суспензија. Ми беше укажано дека суспензијата уште ми важи и дека сум непожелна во театарот. Денес, 21.01.2026, директорот закажал состанок и се обратил пред целиот оркестар, на кој јас не бев во можност да присуствувам поради суспензијата. На истиот демонстративно изјавил дека додека го држеле раце, нозе и ум, тој ќе ја терал работата со Татијана до крај“, пишува во нејзината пријава.
Од Синдикатот велат дека документацијата и исказот на Петрушевска отвораат сериозни и алармантни прашања за начинот на кој Арсовски раководи со најголемата национална културна институција.
„Наместо законито и одговорно управување, се наметнува слика на институција управувана преку притисоци, страв и злоупотреба на функцијата. Дали е точно дека директорот вршел директен притисок врз вработените да продолжат со работа ‘по секоја цена’, и покрај незаконската суспензија на нивната колешка, и покрај нивните усни и писмени изјави дека се под силен психолошки притисок и дека не се во состојба да го продолжат работниот процес? Ова повеќе не е внатрешно прашање на МОБ, туку сериозен институционален скандал“, реагира Синдикатот и го повикаа министерот за култура Зоран Љутков да одговор дали ќе ги заштити вработените во културата.
Б. НЕСТОРОСКА





