ДОАЈЕНКАТА СОЊА МИХАЈЛОВА ЈА ПОДАРИ АВТОБИОГРАФСКАТА МОНОДРАМА „КУФЕР.МК“ ЗА 80. РОДЕНДЕН НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР

    ДОАЈЕНКАТА СОЊА МИХАЈЛОВА ЈА ПОДАРИ АВТОБИОГРАФСКАТА МОНОДРАМА „КУФЕР.МК“ ЗА 80. РОДЕНДЕН НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАРМицевски, Михајлова и директорот на Битолски театар, Васко Мавровски, на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Монодрамата „Куфер.мк“, која може да се нарече и автобиографска претстава на доајенката на Народниот театар од Битола (НТБ), Соња Михајлова, ќе биде прикажана утре на Новата сцена на Битолскиот театар од 20 часот. Претставата е дел од програмата за одбележување на јубилејот 80 години постоење на оваа театарска куќа, која воедно е најстариот театар во Македонија. Режијата е на Благој Мицевски, а музиката на Миодраг Неќак.

    Михајлова, која 40 години мина на сцената на овој театар, на денешната прес-конфернеција рече дека е возбудена зашто ова ѝ е нов момент во Народен театар Битола, по пензионирањето пред 2 години. Таа се заблагодари за отворената врати пак да настапува во театарот и рече дека монодрамата е нејзин роденденски подарок за НТБ.

    „Во тие 40 години и како актер и како човек сум доживеала многу турбулентни моменти, немирни времиња кои сите ние во оваа земја ги доживуваме и преживуваме. Претставата е мојата емотивна и лична приказна низ времињата што сум ги поминала и како човек и како актер, а го формирале и мојот личен и професионален индентитет. Културата, театарот, уметноста се дел од културниот идентитет на Македонија. Многупати се атакувани на различни начини, а тие ранички и рани оставаат белези кај секој човек, така што мојата претстава се однесува на она што останало како емотивен белег од она што се поминало наназад“, рече Михајлова.

    Монодрамата содржи авторски текстови на Михајлова и Мицевски, дел прикажани и преку видеоматеријал, како и мисли на големите автори од Шекспир до Горан Стефановски и Блаже Конески.

    „Во сите овие 30 години во кои сум дел од овој театар, никогаш не зажалив, затоа што идејата ми беше да покажам дека и од провинција може да се направи и уметност и да се кажат некои нешта. Моментите на криза во театарот се поради тоа што современиот човек не сака да биде изложен на вознемирување. Толку многу работи во светот се случуваат што нè вознемируваат секојдневно и театарот е таква работа која кога ќе дојдете неминовно ве вознемирува, или нема да ви се допадне претставата и ќе ве нервира или многу ќе ви се допадне, па ќе реагирате емотивно. Современиот човек сака да се заштити од вишок на вознемирување и затоа театарот ја губи таа битка со Нетфликс. Едно е кога вие можете постојано нешто да запирате, да прегледувате, а друго кога сте стварно изложени на нешто во прв ред и кога тоа се случува пред вас“, рече Мицевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира