ДОГОДИНА ЌЕ БИДАТ ОТВОРЕНИ МУЗЕЈОТ НА ПРАИСТОРИЈАТА И МУЗЕЈОТ НА ОСМАНЛИСКИОТ ПЕРИОД НА СКОПСКО КАЛЕ

    ДОГОДИНА ЌЕ БИДАТ ОТВОРЕНИ МУЗЕЈОТ НА ПРАИСТОРИЈАТА И МУЗЕЈОТ НА ОСМАНЛИСКИОТ ПЕРИОД НА СКОПСКО КАЛЕОд вторник ќе почне ентериерното уредување на музеите, односно подготвка за нивно отворање (Фото: К. Попов)

    Наредната година ќе бидат ставени во функција Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период на скопското Кале. Во музеите ќе бидат изложени предмети најдени при капиталните археолошки истражувања на тврдината, реализирани од 2007 до 2016 година, откако тие ќе бидат концептуализирани по современи музеолошки принципи – интерактивност, наративност и мултимедијален пристап.

    Комисија составена од вработени кустоси во тој музеј, кустоси од Музејот на Град Скопје и вработени во УЗКН работеа на ревизија на материјалот за да се направи селекција на предмети кои ќе се изложат во музеите.

    Директорката на УЗКН, Весела Честоева, посочи дека при капиталните истражувања на Калето биле откриени над 5.000 предмети.

    „За жал, од 2017 до 2024 година овие предмети се чуваа во супстандардни услови овде, на Кале. Со доаѓањето на новата влада во 2024, Управата за заштита на културното наследство како инвеститор на овие два објекта поднесе информација до Владата и успеа да обезбеди средства од осум милиони денари и формираше работна група, која изработи предлог-пресметка, врз чија основа се распиша тендер за тековно одржување, адаптација и санација на Праисторискиот музеј и на Музејот на османлискиот период. За изведувач беше избрана компанијата ‘Нет инвест‘ од Теарце и за неполна година објектите се веќе завршени. Седум години  тие беа оставени на забот на времето“, изјави Честоева.

    Во завршна фаза во Владата е носење одлука за прогласување на скопската тврдина Кале за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, со која надлежностите ќе бидат поделени помеѓу Археолошкиот музеј и Град Скопје. Археолошкиот музеј ќе стопанисува со двата музејски објекта и ќе ги уреди ентериерите, со што тие ќе бидат дел и од понудата за Скопје-Европска престолнина на културата во 2028.

    „Со тоа, Управата ја завршува работата на Кале и се сели на Плаошник за да можеме и таму да ги ставиме во функција објектите кои со години се оставени на забот на времето“, рече Честоева.

    Директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, изјави дека ќе продолжат со работата каде што застанува УЗКН. Соопшти дека нивниот тим од вторник ќе го почне ентериерното уредување на музеите, односно подготвка за нивно отворање.

    „Завршени се градежните работи и со одлука на Владата, Археолошкиот музеј ги доби предметите прибавени при археолошките истражувања на Кале и во моментот работи на концептот што ќе биде презентирано во Музејот на праисторијата и во Музејот на османлискиот период. Идеен автор на концептот на двата музеја е долгогодишниот истражувач и раководител на археолошките истражувања на Скопската тврдина, проф. д-р Драги Митревски, а автор на дизајнот на поставката е проф. д-р Јован Ивановски. Го креиравме и визуелниот идентитет на музеите, чиј идеен автор е проф. д-р Гордана Вренцовска“, изјави Манаскова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира