ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „НЕКОЛКУ СПОМЕНИЦИ ПОВЕЌЕ, НЕКОЛКУ ЛУЃЕ ПОМАЛКУ“ НА АНЕТА ЛЕШНИКОВСКА Е МЕЃУ 10 ФИЛМА ИЗБРАНИ ВО ПРОГРАМАТА ЗА РАЗВОЈ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО РОТЕРДАМ

ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „НЕКОЛКУ СПОМЕНИЦИ ПОВЕЌЕ, НЕКОЛКУ ЛУЃЕ ПОМАЛКУ“ НА АНЕТА ЛЕШНИКОВСКА Е МЕЃУ 10 ФИЛМА ИЗБРАНИ ВО ПРОГРАМАТА ЗА РАЗВОЈ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО РОТЕРДАМДваесет години по нејзиното играно деби „Боли ли? – Првата балканска Догма“, Лешниковска повторно ги обединува Игор Џамбазов, Дејан Лилиќ, Амернис Нокшиќи, Даниела Ивановска и Висар Вишка. (Фото: Ака филм)

Хибридниот документарец „Неколку споменици повеќе, неколку луѓе помалку“, вториот долгометражен филм на Анета Лешниковска, е меѓу 10 филмски проекти од целиот свет избрани за програмата „Темна соба“ (Darkroom) на 56. Филмски фестивал во Ротердам (ИФФР), од 28 јануари до 7 февруари 2027. Фестивалот во Ротердам е еден од најголемите во светот.

„Темна соба“ е меѓународна платформа на ИФФР наменета за долгометражни филмови во завршна фаза на реализација. Секоја година програмата претставува куриран избор од само 10 проекти, поврзувајќи ги авторите со меѓународни филмски професионалци и отворајќи можност нивните филмови да бидат претставени пред селектори и дистрибутери од меѓународната филмска индустрија.

Дваесет години по нејзиното играно деби „Боли ли? – Првата балканска Догма“, кое имаше светска премиера токму во главната конкуренција за Златен тигар во Ротердам 2007, Лешниковска која живее и работи во Амстердам, повторно ги обединува Игор Џамбазов, Дејан Лилиќ, Амернис Нокшиќи, Даниела Ивановска и Висар Вишка.

„Во центарот на новиот филм е една вечера во Скопје, околу која наративно и визуелно се испреплетуваат сеќавањата, отсуството, тагата и променливата општествена реалност, отворајќи дијалог меѓу минатото и сегашноста“, велат од продукцијата.

Со овој проект, во 2023 Лешниковска беше избрана и во програмата за развој во рамки на фестивалот за документарен филм „Визии на релноста“ (Visions du Réel) во Нион, Швајцарија, еден од најголемите во Европа. Филмот е македонско-холандска копродукција во продукција на „Смол мувс филмс“, „Ака филм“ и „Смартхаус“, а продуценти се Корнелија Марковска-Ристовска и Анета Лешниковска.

Проектот беше поддржан од македонската Агенција за филм со 2 милиони денари (32.000 евра) на Конкурсот во прв рок за 2023, како и од Холандскиот филмски фонд.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира