„ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“ НА ГОРАН СТОЛЕВСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА КВИР ЛАВ ВО ВЕНЕЦИЈА

    „ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“ НА ГОРАН СТОЛЕВСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА КВИР ЛАВ ВО ВЕНЕЦИЈАСтолевски (лево) со дел од екипата на „Домаќинство за почетници“ на премиерата во Венеција на 6 септември. (Фото: Квир лав награда)

    Филмот „Домаќинство за почетници“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски, кој завчера имаше светска премиера во Венеција, ја доби наградата Квир лав (Queer Lion) на филмскиот фестивал.

    „Домаќинство за почетници“ е дел од натпреварувачката програма Хоризонти.

    „Квир лав со гордост го наградува филмот ‘Домаќинство за почетници’ во режија на Горан Столевски, за невообичаеното и храбро прикажување на етникумите, различностите, родовиот идентитет, љубовта, пријателството и емотивните афинитети“, стои во образложението за наградата.

    Седумнаесетотто издание на наградата Квир лав, која е една од неколкуте дополнителни награди кои се доделуваат во склоп на филмскиот фестивал во Венеција од здруженија на филмски критичари, клубови и културни здруженија и кино професионалци, ќе се одржи денеска во 19 часот. Наградата е иницирана во 2007 од  Даниел Н. Казагранде, новинар и филмски критичар, а со поддршка на Марко Милер, тогашниот директор на филмскиот фестивал во Венеција. Филмот на Столевски е награден во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Лик Бесон и на Бредли Купер.

    Фестивалот во Венецијазавршува утре, со доделување на главните награди.

    „Домаќинство за почетници“ доби и специјално признание од италијанската фондација „Фондационе фаи персона лаворо амбиенте“ (Fondazione Fai Persona Lavoro Ambiente) за социјално ангажиран филм.

    „Филмот е навистина извонреден бидејќи го истражува влијанието на различните слоеви на идентитет, како што се полот, етничката припадност, сексуалната ориентација и религијата преку интерсекциска призма“, стои во одлуката за ова признание.

    Агенцијата за филм соопшти дека филмот имал извонреден, тогателен и топол прием во Венеција, со долг аплауз, а Столевски изјавил: „Квир семејствата не се иднината; тие се сегашноста!“.

    Критиката во „Скриндејли“ вели дека Горан Столевски добива уште еден триумф во оваа домашна приказна за маргинализираните луѓе.

    „Последниот филм од австралискиот режисер роден во Македонија, Горан Столевски е феноменално достигнување – нескротлива, детална драма која пука со толку многу бесна енергија, што практично добивате шок од екранот… Самоуверениот, карактеристичен глас на Столевски како филмски уметник е очигледен уште од самиот почеток… Неговото раскажување е свежо, автентично и навистина возбудливо“, се дел од пофалбите во рецензијата.

    „Домаќинство за почетници“, третиот филм, а прв македонски, на Столевски, беше поддржан од македонската Агенција за филм на конкурсот во 2020 со 350.000 евра, меѓу четворица дебитанти, а продуцентка на филмот е Марија Димитрова од „Лист продукција“. Филмот се снимаше лани во Скопје, а играат Сара Климоска, прочуената романска актерка Ана Марија Маринка и Романката Алина Шербан, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим, Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Постпродукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.

    Директор на фотографија е Наум Доксевски, Роза Трајческа-Ристовска е костимографка, Александара Чевреска е арт директорка, Горан Игњатовски е маскер. Ана Жежничек од Полска е сценографка, Леонора Мехмети Хоџа од Косово е дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска се композитори, Зоран Максимовиќ од Србија е снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија е дизајнерка на звук.

    „Домаќинство за почетници“ ќе го отвори 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола (23-29 септември).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира