„ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“ НА СТОЛЕВСКИ Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА ОСКАР

    „ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“ НА СТОЛЕВСКИ Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА ОСКАРСтолевски (десно) со дел од екипата на „Домаќинство за почетници“ пред проекцијата во Хоризонти на 80 Мостра во Венеција. (Фото: Венециски филмски фестивал)

    „Домаќинство за почетници“, првиот македнски филм на македонско-австралискиот автор Горан Столевски, е годинашниот македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ).

    Одлуката ја донесе Комисијата за избор при ДФРМ  прифатена и одобрена од Американската филмска академија, во состав Игор Иванов, режисер и претседател на Комисијата, Кастриот Авдили, продуцент и режисер, Ана Стојановска, актерка, Марина Колоска, камера операторка, Лидија Мојсовска, режисерка, Емилија Ивановска-Атанасовска,  костимографка, Ебру Мусли, актерка и Раде Василев, костимограф. Филмот на Столевски е избран во конкуренција со „М“, вториот филм на Вардан Тозија и „Преекспонирано“, дебито на Елеонора Венинова.

    „Домаќинство за почетници“ на 6 септември имаше светска премиера на 80. филмски фестивал во Венеција во програмата Хоризонти, имаше одлични рецензии и ја доби една од паралените награди Квир лав. Филмот е во продукција на „Лист продукција-Скопје“. Играат Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ (2007) на Кристиан Мунџиу) и Алина Шербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Сара Климоска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим и други непрофесионални актери од Македонија. Дистрибутер на филмот во САД е „Фокус фичерс“, рака на холивудското студио „Универзал“ кое ги има светските права за дистрибуција.

    Македонската премиера ќе биде на отворањето на годинашниот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола на 23 септември.

    Ова е трет филм, а прв македонски на Столевски, кој е роден во Македонија, но живее и работи на релација Австралија-Велика Британија. Лани неговото деби „Нема да си сама“ беше австралиски кандидат за најдобар странски филм за Оскар. Неговиот втор филм  „Доволно возрасни“ играше првпат во Македонија летово на фестивалот Синедејс во Скопје.

    96. церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 10 март 2024, во театарот Долби во Лос Анџелес.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира