„Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет. Пред сто години, Илинденските херои, својата воља за држава ја потврдија со својата автентична и убедлива смрт. Ние денес, нашата воља за оваа држава, мораме да ја потврдиме со нашиот автентичен и убедлив живот“, кажа Горан Стефановски во пристапната беседа во МАНУ во декември 2004 година. Стефановски, еден од најреномираните македонски драмски писатели, вчера на 66 години почина по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше изминативе две децении.
Во беседата, тој се наврати на Илинден и Крушевската република како една од нашите најголеми приказни.
„Тие се нашата мета нарација. Зошто оваа приказна така жилаво опстојува и не опседнува? Несомнено затоа што не уверува дека иако сме мали можеме да кренеме глава, да пуштиме глас, да избориме право на своја историска судбина“, рече Стефановски во беседата, насловена „За нашата приказна“, а се осврна и на транзицијата во 1990-те.
„Со еден збор, дека сакаме да нè има, дека имаме воља за себе самите. До пред десетина години Македонија беше во Источна Европа. Значи, како-така, сепак во Европа. Но, таа приказна се распадна и источна Европа веќе не постои. Ние се најдовме само на Балканот, и тоа во неговиот западен дел, подтурнати во третиот свет, не само некомплементарни на Европа туку и некако спротивставени со неа, како ориентален приврзок, како темно огледало на кое таа ги проектира своите стравови. Тоа е нова, грда и опасна страница во приказната“.
Стефановски зборуваше и за нашата повторна интеграција во Европа.
„И како сега да се мислиме себе си? Како одново да се европеизираме, кога Европа се пази да не се балканизира? Како да се видиме, да се измериме, да поставиме дијагноза, како да го наместиме нишанот? Водиме тешка и исцрпувачка дебата по овие прашања. Едни велат дека исклучиво Европа е виновна за нашата незавидна положба, дека треба да ѝ се сврти грб на таа блудница, дека можеме без нејзината отуѓеност и јаловост, во однос на кои ние сме органичност, потенција и спонтаност.
Други велат дека исклучиво ние сме виновни за сè, дека треба да си свртиме грб на самите себе си, да и бакнеме рака на Европа и да и појдеме во прегратка со првиот авион, со карта во еден правец, само подалеку од овој хаос, анархија и насилство, во однос на кој таа е ред, богатство и чистота. И двете позиции се инфериорни и само го потхрануваат европското егозотично клише за нас: во првата приказна ние сме наакани самобендисани бабаити, а во втората лигави некритични епигони.
Двете приказни меѓусебно се исклучуваат – нудат или сè или ништо, или пекол или рај и ништо помеѓу – никаков овоземски живот. Тие се малодушни и се темелат на негативна идентификација: не знам точно кој сум, но точно знам кој не сакам да бидам. Тие приказни се мрзливи и пасивни, избегнуваат анализа, работа и одговорност и мелодрамски тврдат дека заслужуваме повеќе.
Но, во политиката, како и во бизнисот (или конечно, како во жирирањето на театарски фестивали), не го добиваш она што сметаш дека си го заслужил туку она што ќе успееш да го избориш, да го испазариш, да го договориш. Демократијата е постојано и стрпливо пазарење со оние кои не мислат исто како тебе, со оние со кои си објективно спротивставен. Демократијата е преговарање, прилагодување, компромис.
Нешто кое му е туѓо на чаршискиот, инаетчиски, тврдоглав и фиксиран поглед на свет. Оној поглед кој мери ѓутуре и не признава никаква поединечност, кој оперира како затворен вилает и презира секаква другост, кој порадо ќе ги прифати историјата и политиката како судбина и елементарна непогода, отколку како работна обврска и граѓанска должност. Ни треба макотрпна работа за да ја утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна.
Ни треба востание на визија, воља и ум; на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет. Пред сто години, Илинденските херои, својата воља за држава ја потврдија со својата автентична и убедлива смрт. Ние денес, нашата воља за оваа држава, мораме да ја потврдиме со нашиот автентичен и убедлив живот.
Нивната победа беше во нивниот пораз. Нашата победа мора да биде – во нашата победа“, ја заврши беседата Стефановски.
Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.
Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.
Горан беше автор и на текстови на неколку албуми на прочуената рок група „Леб и сол“, чиј фронтмен беше брат му, гитаристот Влатко Стефановски.