Оперскиот пејач Игор Дурловски, еден од осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата за организираниот напад на Собранието лани на 27 април, не беше ангажиран за операта „Турандот“ додека беше во куќен притвор, вели уметничката раководителка на Операта, диригентката Бисера Чадловска во демантот до дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, по објавениот текст на 13 мај, „Дурловски бил ангажиран во операта ‘Турандот’ додека беше во куќен притвор“.
Дурловски беше еден од тројцата организатори и водачи на протестите на „Четврт Илинден – За заедничка Македонија“, заедно со Богдан Илиевски и Борис Дамовски и беше присутен во Собранието за време на насилствата што се случија на 27 април.
Дурловски од 28 ноември 2017 до 26 јануари 2018 беше во притвор во истражниот затвор во Шутка. Од 26 јануари до 26 март беше во куќен притвор, а оттогаш му е изречена мерка претпазливост што подразбира обврска обвинетиот да се јавува на овластено службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Тој изминатиот викенд на својот профил на Фејсбук објави дека 19 мај ќе пее на Мајските оперски вечери (МОВ) во Македонската опера и балет (МОБ).
Во саботата, на 12 мај, в. д. директорот на МОБ, Ќазим Асотиќ ни рече дека кога дошол на функцијата на 1 февруари, програмата за годинашните 46. Мајски оперски вечери веќе била поднесена од уметничката директорка на Операта, Бисера Чадловска и за повеќе информации нѐ упати кај неа.
Диригентката Чадловска во саботата ни изјави дека нема коментар на нашето прашање како е донесена одлуката басот Дурловски да пее во „Турандот“.
Во демантот испратен денес, таа пишува: „Како уметнички раководител на операта, сметам дека сите вработени во МОБ се должни да си ги извршуваат своите редовни работни задачи. Игор Дурловски дојде да се јави на работното место по укинувањето на домашниот притвор и му беше доделена работна обврска да учествува во претставата ‘Турандот’, како редовно вработен солист првенец, кој е дел од поделата на улоги во претставата уште од првото нејзино поставување на сцената на МОБ. Погрешна е информацијата дека Дурловски е ангажиран да настапи во претставата додека бил во домашен притвор, тоа би било невозможно да се договори. Како што беше истакнато во вашиот текст од страна на директорот Ќазим Асотиќ, програмата за Мајските оперски вечери беше направена уште на почетокот на годината, но ангажирањето на солистите како и секогаш се одвива до непосредниот почеток на фестивалот. Сметам дека моја должност како уметнички раководител е на секој вработен да му дадам работна задача, исто како што е должност на вработените да ја извршуваат истата, освен ако не се оправдано спречени да го сторат тоа. Во случајов, иако процесот против Дурловски е сѐ уште во процедура и не се знае неговиот исход, нему не му е изречена забрана за дејност од страна на судот и до крај на завршување на процедурата на судскиот процес тој е должен да ги извршува своите работни обврски како редовно вработен солист првенец во МОБ“.