ДУРЛОВСКИ БИЛ АНГАЖИРАН ЗА ОПЕРАТА „ТУРАНДОТ“ ДОДЕКА БЕШЕ ВО КУЌЕН ПРИТВОР

    ДУРЛОВСКИ БИЛ АНГАЖИРАН ЗА ОПЕРАТА „ТУРАНДОТ“ ДОДЕКА БЕШЕ ВО КУЌЕН ПРИТВОРКако еден од тројцата водачи на протестите на „Четврт Илинден – За заедничка Македонија“, Игор Дурловски беше присутен во Собранието за време на насилствата на 27 април 2017 година/ Дурловски како Тимур во операта „Турандот“, октомври 2016 година (Фото: СДК.МК/ МОБ)

    Оперскиот пејач Игор Дурловски, еден од осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата за организираниот напад на Собранието лани на 27 април, на 19 мај ќе пее на Мајските оперски вечери (МОВ) во Македонската опера и балет (МОБ), во „Турандот“, ангажман кој бил договорен додека беше во куќен притвор.

    Дурловски беше еден од тројцата организатори и водачи на протестите на „Четврт Илинден – За заедничка Македонија“, заедно со Богдан Илиевски и Борис Дамовски и беше присутен во Собранието за време на насилствата што се случија на 27 април.

    В. д. директорот на МОБ, Ќазим Асотиќ ни рече дека кога дошол на функцијата на 1 февруари, програмата за годинашните 46. Мајски оперски вечери веќе била поднесена од уметничката директорка на Операта, Бисера Чадловска и за повеќе информации нѐ упати кај неа.

    Диригентката Чадловска, откако го слушна нашето прашање кога и како е донесена одлуката за Дурловски да пее во „Турандот“, нѐ праша: „Ова е толку важно што не можеше да почека до понеделник да ми се јавите?“.

    Понатаму следеше: „Зошто да не пее Игор, тој е вработен како солист“. Откако и кажавме дека никој не вели дали да пее или не, туку  бараме официјален одговор од националната институција како е донесена одлуката, на што таа рече: „Мојот одговор е дека немам коментар на ова прашање“.

    Осомничениот Игор Дурловски на јавната седница на Апелацискиот суд на 11 јануари, кога му беше одбиена жалбата за укинување мерката притвор и нејзинот заменување со куќен притвор. (Фото: СДК.МК)

    Дурловски вчера на својот профил на Фејсбук објави дека по подолго време се враќа на сцената, и дека ќе ја пее улогата на Тимур во операта „Турандот“.

    Целосната програма на Мајските оперски вечери беше објавена на прес-конференција во понеделникот, 7 мај, а фестивалот почна во средата, 9 мај.

    Игор Дурловски од 28 ноември 2017 година, до 26 јануари беше во притвор во истражниот затвор во Шутка. Од 26 јануари до 26 март беше во куќен притвор, а оттогаш му е изречена мерка претпазливост што подразбира обврска обвинетиот да се јавува на овластено службено лице во судот и одземање на патната исправа.

    Ако програмата за Мајските оперски вечери била готова уште во февруари, значи Дурловски го добил ангажманот уште додека бил во куќен притвор, мерка која подразбира забрана за оддалечување од домот.

    Игор и неговата сопруга, сопранот со светска кариера, Ана Дурловски повеќе од десет години живееја во Германија, а во 2015 година одлучија да се вратат во Македонија.

    Оперскиот пејач од ноември 2015 до 17 мај 2017 година беше директор на МOБ , кога си поднесе поднесе оставка од таа функција и од местото професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

    Дурловски како Тимур на премиерата на „Турандот“ во март 2016 година (Фото: Македонска опера и балет)

    Дурловски на почетокот на 2016 година, во МОБ го донесе светски познатиот италијански режисер, Џанкарло дел Монако, син на легендарниот тенор Марио Дел Монако, кој ја постави операта „Турандот“ од Пучини. Басот Дурловски ја пееше улогата на Тимур на премиерата во март 2016 година, за која доби позитивни критики.

    Годинава Мајските оперски вечери , кои траат до 31 мај се во знакот на Пучини, одбележувајќи 160 години од раѓањето на италијанскиот композитор. Вечерите почнаа со премиерата на „Боеми“, синоќа беше изведена „Тоска“, во вторник е гала балетскиот концерт „Балетски бисери“, а „Турандот“ на 19 мај.

    На „Турандот“ ќе диригира Алесандро Д’ Агостини, а ќе учестуваат: Весна Ѓиноска- Илкова (Турандот), Амади Лага (Франција/ Тунис) како Калаф, Ноеам Ерба (Чешка) како Лиу, Андреа Ѕаупа (Италија), Дарко Нешовски, Дејан Стоев, Драган Ампов и Марјан Николовски.
    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари