ЕГЗИЛОТ НА ПОЕТИТЕ Е ВО ФОКУСОТ НА 57. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    ЕГЗИЛОТ НА ПОЕТИТЕ Е ВО ФОКУСОТ НА 57. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАГодинашниот добитник на Златниот венец, полскиот поет Адам Загајевски и директорот на СВП Мите Стефоски на денешниот прес (Фото: МИА)

    Педесет и седмото издание на Струшките вечери на поезијата почнува вечерва со со традиционално читање на „Т’га за југ’ од Константин Миладинов и меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

    Директорот на СВП, Мите Стефоски рече дека годинава во фокусот на фестивалот е егзилот, како што рече, тема присутна во историјата на книжевноста и во судбината на македонските поети.

    „Аспектот на пишувањето во раселеноста во егзил ќе го слушнеме во поезијата на најстариот поет присутен тука, лауреатот, се до најмладиот учесник, кој има песна посветена на оваа тема“, рече Стефоски.

    „Во еден поделен свет нашата улога преку она што го работиме во книжевниот превод и градењето на такви мостови меѓу литературите и книжевностите е се по значајно што сите ние зборуваме за славење на разноликоста. Поезијата е најразнолика не само од другите јазици, туку и сите поети во рамки на сопствените јазици на кои творат создаваат свои автентични поетски дијалекти“, додаде директорот.

    Годинашниот добитник на Златниот венец, полскиот поет Адам Загајевски рече дека наградата му претставува огромна чест бидејќи се вбројува во листата со звучни поетски имиња од целиот свет.

    Загајевски кажа дека е среќен што живее во Краков, но неговите пријатели забележувале дека не е роден таму. Тој е втор полски поет добитник на Златниот венец, по Тадеуш Ружевиќ, кој го доби признанието во 1987 година.

    „За мене домот е нешто што ви е дадено само еднаш“, изјави Загајевски.

    Фестивалот во негова чест издаде тројазично издание на македонски, англиски и полски јазик на 800 странци.

    Утре на програмата е претставување на портрет на Михаил Ренџов, минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија и поетски читања на поети од потесниот избор за оваа награда за 2018 година.

    Фестивалот ќе заврши в недела со манифестацијата „Мостови“ и врачување на наградите Златен венец, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира