Денес во 17 часот во паркот со бронзеното спомен-обележје на Горан Стефановски во Дебар Маало, ќе се одржи празничен собир во чест на 70-годишнината од неговото раѓање, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Европска куќа Скопје.
Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018 на 66 години. Споменикот е поставен во неговото омилено Дебар Маало, во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. На 27 април 2019 во негова чест беше засаден чинар на тоа место.
„Со овој настан ги славиме приказните на Горан. Паркот со клупата на Горан ќе биде симболично празнично осветлен, и украсен со лампиони со цитат од Горан, преведен на сите јазици на ЕУ. Паркот покрај ЛЕД и соларните сијалички ќе биде украсен со рачно изработени сувенири од природни материјали и на секој од нив ќе биде испишан цитатот на Горан Стефановски, на сите европски јазици: ‘Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ’рбетот на нашиот идентитет’“, најавува организаторот.
Ќе говори евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, а кон животот и делото на Стефановски ќе се осврнат членови на неговото семејство, како и авторот Иван Антоновски, познавач и промотор на неговото творештво.
Во случај на неповолни временски услови, организаторот вели дека неформалното дружење по обраќањата ќе биде преместено во Театарот на сенки и облаци, до гостилница Наџак.
Стефановски, бардот на македонската драма, почина на 66 години по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше. Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.
Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.
Б. НЕСТОРОСКА