Факултетот за музичка уметност (ФМУ) синоќа на роденденскиот концерт ѝ посвети песна на професорката Сара Пројковска, која загина во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март. Пројковска беше вонредна професорка по пијано на ФМУ, а пееше придружни вокали со групата „ДНК“, вечерта кога се случи пожарот во кој загинаа 63 лица, а над 200 се повредени.
Најемотивниот дел од концертот беше „Алелуја“ од Леонард Коен која ја свиреа професорките Елена Атанасовска и Марија Вршкова, а ја испеаја студентите во придружба на балетска точка.
„Од претходниот до овој роденденски концерт се сменија многу нешта, се случија добри и лоши работо. По 47 години имаме ново концертно пијано кое го промовиравме со маестро Симон Трпчески. Камерниот оркестар ‘Солистите на ФМУ’ со маестро Сашо Татарчевски се врати со Гран при од фестивал во Словачка. Факултетот, конечно, по 25 години има повторно академик, тоа е нашиот драг професор Драган Даутовски. И потоа од друга страна, Кочани. Нашата драга Сара Пројковска загина, наши колеги, пријатели, сите тие млади луѓе. Страшна колективна траума која треба да биде лекција за сите, и не смее да се повтори“ , рече деканката на ФМУ, Дариа Андовска.
Концертот, насловен „Орион“ имаше богата и разновидна програма, од класична до џез и популарна музика. Настапија мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Симфонискиот оркестар на ФМУ со кои диригираше маестро Борјан Цанев, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ со маестро Татарчевски, Дувачкиот оркестар при ФМУ со маестро Ангел Спировски, Оркестарот на народни инструменти и вокални солисти под менторство на професорите Велика Стојкова-Серафимовска и Марјан Јанковски.
Настапија и студентите од Катедрата за балетска педагогија со кореографија на професорката Искра Шукарова со пијано придружба на Аница Нелоска. Како солисти настапија Бојана Митковска на виолина и Марија Цветановска од Катердрата за џез и популарна музика.
М. ЏАРОВСКА




