„80 години – Љубов!“ е насловен славеничкиот коцерт на Филхармонијата, кој ќе се одржи на 28 ноември (20 часот) во чест на 80 години од основањето. На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр.1 – „Титан“ од Густав Мaлер. Како солист ќе настапи пијанистот со светска кариера Симон Трпчески, а ќе диригира шеф-диригентот на Филхармонијата, Јерухам Шаровски од Израел.
Свечената церемонија ќе почне во 19:30 часот, во фоајето на Филхармонија со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“ кој ќе изведе три композиции од основоположниците на Филхармонијата – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Ќе се изведат: „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр.2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска-Каро. Во фоајето ќе биде поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Филхармонијата и нејзините најзначајни моменти.
Од Филхармонијата додаваат дека свечениот концерт преку директен пренос ќе го пренесува Македонската радиотелевизија МРТ.
Б. НЕСТОРОСКА