ФИЛИПА САРА ПОПОВА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „МЛАДА СТРУГА“ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    ФИЛИПА САРА ПОПОВА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „МЛАДА СТРУГА“ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАПопова е наградена за нејзината необјавена поетска стихозбирка „Скршен терариум“. (Фото: СВП)

    Филипа Сара Попова е годинашна добитничка на наградата „Млада Струга“ за 2024, која ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата. Попова е наградена за нејзината необјавена поетска стихозбирка „Скршен терариум“.

    За наградата одлучи жири-комисијата: Славе Ѓорѓо Димоски, претседател, и Виолета Танчева-Златева и Андреј Ал-Асади.

    „Станува збор за извонредно надарена поетеса, полна со луцидни рефлексии и сензации за животот, времето и светот обликувани спрема потребата во потрага за смисла, но притоа самата е свесна дека и поетскиот говор сам по себе е потрага (по смисла). Ритамот на нејзиниот поетски говор одговара на ритамот на животот: отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време. Филипа Сара Попова не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон времето што го живееме“, рече Димоски денеска во Струга.

    За „Скршен терариум“ тој вели дека „ изобилува со асонанци, метонимии и речиси незабележлив, но исклучително важен ритам во пренесување на мотивот кој се проткајува низ целата стихозбирка и ја прави една компактна логичка целина“.

    Според жирито, Попова користи лесен и разигран јазик, иако полн со симболи, слики и логички корелации помеѓу нив.

    Попова е апсолвентка на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

    Директорот на Фестивалот, Тодорче Тасевски кажа дека наградата се доделува за необјавена поетска стихозбирка од млад автор дебитант, кој покрај паричниот износ, ја добива можноста стихозбирката да биде објавена во рамки на
    изданијата на Фестивалот, но исто така и можноста за учество и негова промоција на Струшките вечери на поезијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира