Победник на 42. издание на „Браќа Манаки“, а со тоа и двокаратен лауреат во историјата на фестивалот, е кинематограферот од Финска Јани-Петери Паси, кој во конкуренција од 10 филмови ја доби Златната Камера 300 за филмот „Купе број 6“. Претседателот на жирито Суки Меденчевиќ рече дека наградата му се доделува за „деликатниот и осетлив начин на кој камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот Север“.
„Еден куриозуитет во историјата, фестивалот ‘Браќа Манаки’ досега имаше само еден човек кој претходно ја добил во два наврати наградата Златна Камера 300, бразилскиот кинематографер Валтер Карваљо во 1998 и 2002 година, а сега и Паси овенчан со оваа награда во 2016 и 2021“, рече директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.
Двократниот лауреат Паси, како и останатите добитници на наградите, не дојдоа во Битола на свечената церемонија, туку се обрати преку видеопорака.
„Толку многу бев возбуден, што се разбудив среде ноќ и останав буден. Голема чест е да се биде награден на фестивал посветен на кинематограферите, се надевам ќе се видиме следната година“, рече Паси.
Сребрената Камера 300 ја освои данскиот кинематографер Каспер Туксен за деликатната камера во филмот „Најлошата личност на светот“, со која нè приближува до ликовите кои се добро позиционирани во урбаниот пејзаж на Осло. Филип Бергсон, член на жирито, прогласувајќи го наградениот кинематографер рече дека „Браќа Манаки“ годинава направи чудо со тоа што го одржа фестивалот и покрај „чумата од Кина“. Му се допадна и новата сала во Кино „Манаки“, па рече дека мотото би требало да биде „Вратете се в кино“.
Бронзената Камера 300 ја доби белгискиот кинематографер Рубен Импенс, за бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високо естетизиран визуелен стил во филмот „Титаниум“, годинашниот победник на Канскиот фестивал. Овој филм, кој се смета за контраверзен со експлицитни цени од убиства, беше прикажан на затворањето, а бруталните сцени на убиства не можеа да ги издржат сите присутни гледачи во слата, па некои и заминаа среде проекција, но нивната бројка не беше голема.
Добитник на наградата Мала Камера 300 за краток филм е Жоана Силва за „Низ маглата“, а членката на жирито Соња Просенц рече дека чест ѝ е што ја доделува на млада кинематограферка затоа што на жените кои се занимаваат со оваа професија повеќе шанси им се дава во краткометражни филмови, додека потешките задачи се резервирани често за мажите.
„И покрај сите препреки и предизвици успеавме да ја продолжиме магијата и да ја отсонуваме нашата приказна до розов хепиенд. Со доаѓањето во вашето и наше пристаниште Битола, како да запреа сите бури што жестоко му се закануваа на фестивалскиот брод. Поминавме шест беспрекорни денови во Битола и за сето тоа време не се случи никаков технички проблем или прекин“, рече директорот Дамевски.
На шега во тој момент во салата се исклучи струјата и микрофоните не работеа, а Дамевски без озвучување кажа „не ни запре проекторот, не се исклучи струјата, микрофините и звучниците“, алудирајќи на техничките проблеми при отворањето.
„Се̍ беше како што човек може да поска, некои од нашиот тим ни тврдеа дека Кан, Берлин и Венеција можат да ни позавидат“, на што публиката го награди со громогласна смеа и голем аплауз.
Затворањето на фестивалот помина без многу помпа. На црвениот тепих имаше повеќемина битолчани отколку на отворањето. Се спуштија завестите без присуство на политичари, освен што присуствуваше градоначалничката Наташа Петровска, а Општината беше и еден од финансиските помагачи на фестивалот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА