ГОДИНАШНИТЕ КАНСКИ ЛАУРЕАТИ ЌЕ ИГРААТ НА СИНЕДЕЈС

    ГОДИНАШНИТЕ КАНСКИ ЛАУРЕАТИ ЌЕ ИГРААТ НА СИНЕДЕЈСДел од програмата ќе се одвива на кровови и високи локации (Фото: Синедејс)

    Под мотото „Од високо подобро се гледа“, од 7 до 14 јули ќе се одржува 21. издание на фестивалот на европски филм Синедејс. Во програмата ќе бидат повеќе од 50 филма, кои ќе се прикажуваат на кровот на ГТЦ, кровот на Домот на градежници, во Музејот на современа уметност, Авто киното на Водно, МКЦ паркот, кино Милениум и во Кинотеката.

    „Околностите на изминатите три изданија на фестивалот нè принудија да го извадиме платното од неговата предвидлива позиција, да го истражиме градот и годинава ќе видиме како изгледа кино од високо, кино на кров, како симболика на нашите големи и високи фестивалски амбиции. Изборот ни се крововите кои можат да соберат доволно публика за филмско прикажување и од каде ќе се ужива во панорамата на Скопје“, истакна Марга Арсова, програмска уредничка на Синедејс.

    Фестивалот го отвора македонската премиера на „Мими“, вториот игран филм на режисерот Даријан Пејовски, а се затвора со хоророт „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој го сврте вниманието на светската јавност по премиерата на Санденс.

    Бернд Будер е селектор на годинашната програма, која е поделена на Официјална селекција, SEE програма, МК Shorts, Ретроспектива на Фатих Акин и Гала програма, во која ќе се прикажат годинашните кански лауреати „Ѕвезди на пладне“ на Клер Дени, „Блискост“ на Лукас Донт, „Осумте планини“ на Феликс ван Гронинген, „Одлука за заминување“ на Парк Чан-вок, „Тери и Локита“ на браќата Дарден, „Брокер“ на Хироказу Коре-еда и други.

    Во рамките на програмата, мастерклас ќе одржи Џон Џост, еден од најплодните и најзначајни американски филмски автори, а со посебен настан ќе се одбележи филмската костимографија од 1960-ите до 2000-ите. Именуван како „Лошите девојки од филмовите“, настанот е авторство на Сандра Шевандо, под кураторство на дизајнерот Драган Христов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира