Режисерот Ѓорче Ставрески на 25 септември почна со снимањето на својот втор долгометражен филм „Трампи“, по негово сценарио. Филмот е македонско-чешка копродукција, а продуценти се Ставрески и Ивана Шекуткоска од „Фрагмент филм“ и Алабзета Јаначкова од Чешка.
Филмот ќе се снима на повеќе локации во Скопје во наредните месеци, во период од 38 дена.
Главните улоги во филмот ги играат Сергеј Димовски и Стефанија Начевска. Во останатите улоги се Александар Микиќ, Игор Ангелов, Петар Мирчевски, Душица Настова, Наум Ѓоргиевски, Ана Димитрова и Григор Јовановски.
Директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф е Симо Бранов, костимограф Жаклина Крстевска, шминка и маска Јасмина Лилиќ од Србија, дизајнер на звук Лука Шуто од Чешка. Кастинг директор е Билјана Драгиќевиќ-Пројковска
Филмот е поддржан од Агенција за филм на Македонија на конкурсот во втор рок од 2019 со 30 милиони денари (околу 485.000 евра) и од Чешкиот филмски фонд.
Претходниот филм на Ставрески, дебиот „Исцелител“ имаше премиера во 2017 и доби голем број награди на фестивали низ светот.
Б. НЕСТОРОСКА