„ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ ПЕТРУНИЈА“ НА МИТЕВСКА ОД ДЕНЕСКА ИГРА ВО 60 КИНОСАЛИ ВО ФРАНЦИЈА

    „ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ ПЕТРУНИЈА“ НА МИТЕВСКА ОД ДЕНЕСКА ИГРА ВО 60 КИНОСАЛИ ВО ФРАНЦИЈАПлакати за филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија" на Теона Стругар Митевска има насекаде низ Париз, најмногу околу Филмскиот центар, на главната авенија, покрај Сена и Лувр и на повеќе места во париското метро (Фото: Т. Јовановски)

    Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија” на режисерката Теона Стругар Митевска од денеска почнува да се прикажува во 60 киносали во Франција. Француската компанија за продажба „Пирамид“, која ги откупи правата за продажба, досега го пласираше филмот во 28 земји низ целиот свет.

    Од продукцијата „Сестри и брат Митевски“ велат дека по Франција, „Петрунија“ продолжува во кинодистрибуција низ целиот свет од Кина, Јапонија, до Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска, и Швајцарија, до речиси секаде во соседството од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција.

    Се преговара и со САД, Германија и Мексико. Филмот е исто така е продаден и на телевизиската куќа Ејч-Би-О која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кинодистрибуција.

    Светската премиера на филмот беше на 10 февруари на 69. Берлински филмски фестивал, каде освои две награди, на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлинале што ги доделуваат независни жирија. Минатиот месец филмот ја доби главната награда на Меѓународниот женски филмски фестивал Дортмунд/Келн.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари