ГОТОВА Е КЛУПАТА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ ЌЕ СТИГНЕ ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО

    ГОТОВА Е КЛУПАТА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ ЌЕ СТИГНЕ ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛОВо човечка големина е излиена фигурата на Горан Стефановски како седи на клупата и на неа ќе има место за секој што сака да седне. (Фото: И. Стефановски )

    Клупата на бардот на македонската култура Горан Стефановски е готова, и според градоначалникот на Општина Центар, за еден месец треба да стигне во Скопје од Англија.

    „Не се знае кога ќе се постави. Чекаме време кога ќе можеме тој ден да го прославиме на убав начин“, ни рече синот на Горан, Игор Стефановски.

    Тој ја сподели информацијата на Фејсбук со фотографија од клупата, каде меѓудругото пишува: „Едвај чекам да си дојде на своето предвидено место и да можеме да си седнуваме на неа со него. Е сега, не се знае кога ќе имаме можност да се собереме во Дебар Маало за поставувањето, ама важно е готова“.

    „Очекувам клупата да стигне за еден месец. Од Општина Центар не е побарана помош за транспортот, тоа ќе го регулира Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски“, ни рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Поради пандемијата на ковид-19, пролетва од Лондон во Скопје не стигна клупата која требаше да се постави за неговиот роденден. Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018 на 66 години.

    Поставувањето на клупата во неговото омилено скопско Дебар Маало, по неговата смрт го најави Општина Центар. Лани, на 27 април во негова чест беше засаден чинар во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. Тогаш, поранешната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева најави дека покрај дрвото ќе биде поставена метална клупа, во човечка големина ќе биде излиена неговата фигура како седи на клупата и на неа ќе има место за секој што сака да седне.

    „Клупата е сосема готова, т.е. излиена во бронза, не е таква како на фотографијата, но за жал чека во ателјето во Англија. Се планираше убав настан за поставувањето, но се разбира откако се затворија границите и се воведоа мерките сѐ’ се одложи. Ем не можевме да ја донесеме до Скопје, ем нема смисла таков настан кога никој не смее да биде надвор. Како и да е, се надевам дека наскоро ќе имаме можност да се собереме во Дебар Маало за отворањето, ама се разбира никој не може да знае кога ќе биде тоа“, изјави неговиот син за САКАМДАКАЖАМ.МК во април.

    Лани во јуни, Игор Стефановски побара да се донираат пари за изработка на скулптура од неговиот татко. Богдановиќ ни рече дека парите потребни за лиење на клупата во Лондон, Општина Центар ги обезбедила преку донации и дека се префрлени на сметката на неговото семејство.

    Игор вчера исто така објави дека е формирано Здружение на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски.

    „Целта на Здружението е едноставна: опусот на Горан да биде секогаш на дофат, во различни форми (и дигитални), дека он не пишуваше само драми и не мора да си академик за да го разбереш. Би сакале бар едно нешто од него постојано да биде во книжарниците во нашата земја, бидејќи тој е еден од оние кај нас кои го заслужуваат тоа. Доста беше ситуација во која ‘Диво месо’ се чита во гимназија, а ја нема никаде да се купи како лектира. Тоа е таква балканска кеч-22 ситуација — баш таквите него го фасцинираа и го инспирираа. (Памтам дека средношколци редовно ни тропаа на врата барајќи копија од драмата, и кога веќе немаше за давање, татко ми почна да им кажува ‘прашај ја учителка ти зошто немаат они да ви дадат’. Сепак, би било убаво што повеќе луѓе да знаат за што се работи во ‘Диво месо’, исто како што оние во дијаспората (или оние кои планираат да отидат натаму) би требало да ја знаат премисата на ‘Тетовирани души’. Се разбира, Горан остави и многу други бисери и мудрости во есеи и говори кои се надеваме дека ќе можеме да ги прошириме во јавноста, особено за помладите генерации“, вели неговиот син.

    Горан Стефановски, бардот на македонската драма, почина на 66 години по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше. Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

    Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира