ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И ЧЕ ГЕВАРА

(Кон „Година на мајмунот“, сценарио и режија Владимир Блажевски, играат Игор Ангелов, Береда Решит, Марија Кон, Фаик Мефаилоски)

    ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И ЧЕ ГЕВАРАИгор Ангелов и Береда Решит во сцена од „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски

    Владимир Блажевски, еден од најзначајните современи македонски филмски автори, е резигниран и уморен, покажува неговиот последен, четврти филм „Година на мајмунот“. Ова е драстична промена на расположението од третиот „Панкот не е мртов“, снимен пред 7 години (кој пак дојде 19 години по вториот “Булевар на револуцијата”), што имаше тон на остарен панкер кој не е резигниран и самосожалив, туку помирен дека панкот му е стил на живот и дека нема што да бара потврда од кого било.

    Според авторот, „Година на мајмунот“ е „’мека’ политичка сатира за едно необично пријателство меѓу еден осамен мајмун и чувар на Зоолошка градина кои живеат во превртениот транзициски свет“.

    Мајмунот е Коко (го игра во маска Петер Елиот), чуварот е Цобе (Игор Ангелов). Се дружат така што Цобе на глас му ја чита на Коко „Потекло на видовите“ од Дарвин. Цобе ќе добие отказ од работа, Коко ќе избега од зоолошка со помош на Љатиф (Береда Решит) и сите заедно, со тетка му на Цобе Вилма (ја игра легендарната хрватска актерка Марија Кон) и комшијата Аце (Фаик Мефаилоски), ќе поминат низ разни перипетии за да го спасат мајмунот. Во таа трка се случуваат куп мајмунлаци типични за македонската посткомунистичка транзициона агонија, од медиумска манипулација со вистината, протести и контрапротести, меѓуетнички кошкања, до величање на мајмунот за народен херој…

    Пишувана како комедија, приказната сепак е доста тенка и некохерентна, има сцени што не одат никаде, ликовите не се изградени, а некои и ги снемува без објаснение. Оние неколку комични моменти се такви највеќе поради играта на актерите, не поради ситуацијата. Ова е особено потенцирано во играта на дуото Береда Решит – Игор Ангелов, едниот мртов ладен комичен, другиот експресивно комичен, потсетуваат на раните улоги на Тото и Фернандел.

    Филмот има одличен продукциски дизајн, Миленко Јеремиќ и Бобан Петрушевски го исполниле секој кадар со ситни и крупни детали на расакапаната животна средина на осиромашениот граѓанин.

    Но, се чини најголемот проблем на овој филм е што авторот решил современата македонска посткомунистичка транзициона агонија да ја претстави низ алегориска фарса. Таа реалност во која живееме е тешко и да се пародира, а не пак да се изрази алегориски. Впечаток е дека со тоа се заматува увидот во стварноста, а и коментарот на општествените случувања е замаглен. Имено, резигнацијата на авторот од таа долга транзициона агонија со ваков алегориски пристап лесно отвара врата за релативизација од типот „сите се исти“ – во филмот и директно се имплицира дека вредностите на шарените се исти со вредностите на црните тврдокорни, на пример. Во сцена што се случува пред една од иконите на Шарената револуција што веќе не постои – Порта Македонија ишарана со боја (а не постои оти тогашната власт ја исчисти за да не остане трага од шаренилото).

    Филмот е снимен летото 2016, во екот на граѓанските протести против еден корумпиран режим кој прислушувал 26.000 граѓани, режим чиј криминал го истражува Специјалното јавно обвинителство додека претседателот на државата аболицира 56 политичари од власта и нивни соработници осомничени за криминал, еден опресивен режим што кулминираше со организиран напад на Собранието на 27 април 2017 и којшто сѐ уште не е целосно демонтиран во пониските ешалони.

    После овие 11 години режим, и последниве 3 бурни години на граѓански протести против него, колку и да си резигниран од недоветноста на политичките елити, релативизација од типот „сите се исти“ во најмала рака – не е смешна.

    МАРИНА КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира