Град Скопје ја повлече поддршката за наградата „Роман на годината“, престижното признание што 18 години го доделуваше „Утрински весник“, а по згаснувањето на весникот во 2017, изминативе 3 години го доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“, соопшти Фондацијата на својата Фејсбук страна.
За наградата Фондацијата на конкурсот за поддршка на проекти на Град Скопје конкурирала преку Културно-информативниот центар (КИЦ), а сумата што ја барале е помалку од 5.000 евра.
Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата вели дека од приватни канали слушнале дека поддршката е повлечена и дека покрај настојувањата, немаат добиено официјално образложение за оваа одлука. Соработката со Град Скопје околу доделувањето на наградата „Роман на годината“ почнала минатата година токму на иницијатива на Градот. Голем дел од режиските трошоци на наградата биле покриени преку КИЦ, и „Романот на годината“ стана дел од нивната официјална програма.
„Ако не се лажам, уште во декември беше објавена програмата за поддршка на јавните институции што се под Град Скопје. И во таа програма ‘Романот на годината’ стои во програмските активности на КИЦ. И уште може да се види оваа одлука на веб-страницата на Градот. Уште немаме образложение за оваа одлука, така што, освен што немаме никакво право на жалба или друг правен лек, можеме само да претпоставуваме, шпекулираме и нагаѓаме за што станува збор. Одлуката да се повлече поддршката на ‘Романот на годината’ доаѓа среде процесот на доделувањето на оваа награда. Конкурсот е завршен, петчлената жири-комисија работи со полна пареа, а ваквото решение токму во овој тајминг ќе нанесе голем удар на ова признание, кое, да потсетиме, има традиција од 21 година. Лично се надевам дека Градот ќе ја ревидира својата одлука, особено ако се земе предвид дека од почетоците на Фондацијата имавме добра и успешна соработка“, ни рече Георгиевски.
Фондацијата „Славко Јаневски“ на 21 јануари соопшти дека за наградата „Роман на годината“ за 2019 конкурираат 38 дела, а годинава во жирито за се ланската добитничка Николина Андова-Шопова (претседател), Милован Стефановски, Весна Мојсова-Чепишевска, Славе Ѓорѓо Димовски и Катерина Богоева (членови).
„Жирито на својот конституитивен состанок констатираше дека годинава се одликува со мошне богата романсиерска продукција што се огледа и во фактот дека на годинашниот конкурс се пријавија дури 38 романи“, соопшти Фондацијата која наградата ја доделува во соработка со Град Скопје, а под генерално покровителство на „Комерцијална банка“.
Добитникот на наградата традиционално се објавува во март, а лани наградата ја доби писателката Николина Андова-Шопова за нејзиното дело „Некој бил тука“, во издание на „Темплум“.
А. АНТЕВСКА