ГРАФИЧКОТО ТРИЕНАЛЕ ВО БИТОЛА ГО ДИГА ГЛАСОТ ПРОТИВ МОЛКОТ ВО ОПШТЕСТВОТО

    ГРАФИЧКОТО ТРИЕНАЛЕ ВО БИТОЛА ГО ДИГА ГЛАСОТ ПРОТИВ МОЛКОТ ВО ОПШТЕСТВОТО„Ова веќе не е манифестација или проект, тоа се зборови кои се доста искомпромитирани во последно време. Настапуваме со нов концепт во светски размери, имаме огромна преписка за избегнување на било каков елитизам со автори од 167 држави“, вели Владо Ѓорески, раководител на Триеналето; делото „Молчиме како риба“ од јапонскиот уметник Коуки Тсуритани (Фото: СДК.МК)

    „Молчиме како риба“ од јапонскиот уметник Коуки Тсуритани е една од графиките изложени на деветтото издание на Меѓународното графичко триенале што денес се отвори во Битола. Раководителот на проектот Владо Ѓорески, советник кустос и графички уметник, вели дека во дел од графиките како тема е застапено морално и етичкото замолкнување во општеството.

    „Ова веќе не е манифестација или проект, тоа се зборови кои се доста искомпромитирани во последно време. Настапуваме со нов концепт во светски размери, имаме огромна преписка за избегнување на било каков елитизам со автори од 167 држави. Графичкото триенале започнува да се занимава со откривање на анонимни непознати автори кои создаваат исклучителни дела, а никако не можат да дојдат до познатите истакнати манифестации зашто со нив владеат големите корпорации “, изјави Ѓорески.

    На Триеналето со свои графики учествуваат 800 уметници од 167 земји (Фото: СДК.МК)

    На Триеналето годинава учествуваат и десетина графичари од Сирија, кои настапија со потресни дела, а досега немале можност да настапат на друга графичка манифестација. На Триеналето со свои графики учествуваат 800 уметници од 167 земји. Изработен е и каталог антологија со 1.000 графики.

    Триеналето опстојува безмалку три децении и досега на него настапиле 5.000 уметници од целиот свет. Тоа соработува и со Венециското биенале, па како резултат на тоа имаше и заедничка изложба на македонски и италијански графичари.

    „Како што оди афирмацијата на Триеналето во светот, така оди обратно состојбата во градот. Живееме во едно време кога сѐ се заборава, време на потполна равнодушност, во време кога духовното е тотолно девалвирано и нападнато од една бескруполозна корумпирана материјалистичка состојба која е непријател на творештвото“, рече Ѓорески.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира